НАД 119.000 ДРВЈА ЗАСАДЕНИ ЗА ОБНОВУВАЊЕ НА ШУМИТЕ ВО СЛИВОТ НА ДРИМ

    НАД 119.000 ДРВЈА ЗАСАДЕНИ ЗА ОБНОВУВАЊЕ НА ШУМИТЕ ВО СЛИВОТ НА ДРИМВо Струга се одржа регионалната експертска тркалезна маса „Интегрирано управување со шумите на Западен Балкан: научени лекции, предизвици и насоки за иднината“, која ги обедини претставниците на институциите, шумарскиот сектор, општините, академската заедница, граѓанските организации и бизнис-секторот од четирите земји. (Фото: СДК.МК)

    За четири години, преку регионалната соработка меѓу Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора за заштита на шумите во сливот на реката Дрим, обновени се 119 хектари шума, засадени се повеќе од 119.000 автохтони дрвја, а околу 2.100 луѓе ги зајакнале своите знаења за подобро управување со шумските ресурси.

    Резултатите беа претставени во Струга на регионалната експертска тркалезна маса „Интегрирано управување со шумите на Западен Балкан: научени лекции, предизвици и насоки за иднината“, која ги обедини претставниците на институциите, шумарскиот сектор, општините, академската заедница, граѓанските организации и бизнис-секторот од четирите земји.

    Шумите во сливот на Дрим имаат клучна улога во зачувувањето на биолошката разновидност, регулирањето на водите и климатската отпорност, но и во обезбедувањето егзистенција за руралното население. Во исто време, тие се соочуваат со сериозни закани од нелегалната сеча, шумските пожари, сушите, ерозијата и неодржливото користење на шумските ресурси.

    „Не сме собрани овде само за да презентираме проектни резултати. Тука сме за да размениме искуства, да учиме едни од други и да истражиме како успешните практики можат да прераснат во долгорочни и одржливи решенија“, рече Нехат Рамадани, директор на Центарot за развој на неформалното образование и партнерства (ЦНВП), Македонија.

    Во склоп на проектот „Интегрирано управување со шумите долж сливот на реката Дрим“ се реализираат активности за обновување на деградирани шумски површини, природна регенерација, контрола на ерозијата и зголемување на отпорноста на шумите кон климатските промени.

    „Нашиот најголем успех се луѓето и партнерствата што стојат зад овие резултати, локалните заедници кои преземаат иницијативи, експертите кои го споделуваат своето знаење и институциите кои соработуваат надвор од националните граници“, кажа Анила Аљај, директорка на ЦНВП Албанија.

    Покрај еколошките придобивки, проектот отвора и можности за одржлив локален економски развој преку пчеларство, користење шумски производи, костен, биомаса и екотуризам.

    На средбата беше нагласено дека проектите можат да иницираат промени, но нивното трајно влијание зависи од континуираната соработка меѓу институциите, локалните заедници, експертите и бизнис-секторот.

    „Иницијативата ‘Иднината на шумите на Дрим‘ (Drin Forest Futures) има за цел досегашните резултати и регионалната соработка да ги преточи во долгорочни активности за поотпорни шуми и одржлива егзистенција“, рече Астрид Таус, раководителка за општествено влијание во ICEP.

    Проектот се спроведува од 2022 во четирите земји, со финансиска поддршка од Австриската агенција за развој, во рамките на програмата „International Partnerships Austria“, а го реализира ЦНВП во партнерство со австриската организација ICEP.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира