Францускиот амбасадор Кристоф ле Риголер изразил интерес Франција активно да се вклучи во обновувањето на Францускиот пат на Пелистер, со цел да се зголеми неговата атрактивност за посетителите преку подобра достапност до историските податоци за воените дејствија за време на Првата светска војна долж оваа траса.
Амбасадорот се сретна со директорот на Националниот парк „Пелистер“, Иванчо Тошевски, кој му го презентирал начинот на функционирање на установата, предизвиците со кои се соочува, како и плановите за развој на екоактивниот туризам.
„Главна тема на средбата беше обновувањето на Францускиот пат, кој датира од Првата светска војна и треба да обезбеди подобра заштита на природата, контрола на теренот и подобар мониторинг на видовите. Оваа трансверзала е дефинирана како клучен патен правец меѓу преспанската и пелагониската страна на Баба Планина во сите стратешки документи со кои располага паркот“, соопштија од Националниот парк „Пелистер“.
Овој сервисен земјен пат е предвиден во десетгодишната Програма за противпожарна заштита, изработена од проф. д-р Никола Николов, Стратегијата за развој на туризмот во НП „Пелистер“, изработена од проф. д-р Сашо Коруновски, како и во посебните планови за одгледување на шумите, изработени од проф. Горан Сакалиев.
Од Националниот парк планираат да го обноват и уредат земјениот пат и да го пренаменат во пешачка и велосипедска патека.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



