Финските власти потврдија дека вчера во Финскиот Залив бил нападнат руски воен брод.
Украинската безбедносна служба (СБУ) соопшти дека цел на нападот со дронови бил бродот „Наро-Фоминск“, како дел од поширока операција насочена кон рускиот нафтен терминал Уст-Луга на брегот на Балтичкото Море. Се верува дека ова е прв напад во делот од Балтичкото Море отворен за цивилниот поморски сообраќај.
Финската војска даде малку детали за инцидентот, но се чини дека се случил во тесен појас, на одредено растојание од финскиот брег. Министерката за надворешни работи на Финска, Елина Валтонен, беше децидна дека ситуацијата во Балтичкото Море останува стабилна и безбедна и дека не постои никаква закана за поморскиот сообраќај.
СБУ го опиша рускиот брод како мала корвета која носела крстосувачки ракети „калибр“ и „оникс“.
„Знаеме дека по нападот излегуваше чад од бродот. Тој потоа се упати кон Санкт Петербург“, изјави Мартин Херем, министерот за одбрана на Естонија, која граничи со заливот.
Се претпоставува дека во нападот биле погодени неколку резервоари во терминалот Уст-Луга, а пожарите во пристаништето биле видливи и од Естонија.
Досега имаше повеќе напади врз руски и украински пловила во Црното Море, но руската балтичка флота беше поштедена од почетокот на војната.



