Енергетската состојба во Европа е жестоко алармантна и од ден на ден се влошува, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања при пуштањето во употреба на детската градинка „Лавче“ во скопско Инџиково.
Тој рече дека поради изгасените нуклеарни централи, нискиот водостој и ниските нивоа на гас во складиштата, цените на берзите се на историски највисоки нивоа од 400 до 500, па и повеќе евра за мегават-час. Според него, ваквиот тренд трае во континуитет од втората половина на август до средината на ноември, при што цената на гасот повторно надминала 90 евра за мегават-час, откако минатата недела паднала на околу 80 евра, а во однос на истиот период лани е трипати повисока.
„Состојбата во Европа е жестоко алармантна. Кога зборувам жестоко алармантна, изгасени нуклеарни централи, низок водостој, ниски нивоа на гас во складиштата, цените на берзите се навистина историски највисоки, по 400–500, па и повеќе евра за мегават-саат. Истото тоа важи и за гасот. И тоа се случува во континуитет некаде од втората половина на август месец, сега сме, еве, веќе на средината скоро на ноември. И не само што не се смирува состојбата, туку и, напротив, се влошува, од ден на ден се зголемуваат цените. Вчера ја следев цената и утрово на гас, таа повторно отиде над 90 евра за мегават-саат, спадна негде околу 80 евра минатата недела, сега е повторно над 90 евра за мегават-саат“, изјави Мицкоски.
Мицкоски рече дека ситуацијата е сериозна и неизвесно е до кога ваквиот удар ќе може да се издржи, но додаде дека Владата преку креативни решенија и расположливите механизми засега успева да го заштити стандардот на граѓаните. Тој оцени дека земјава има убедливо најниски цени на дизелот, безоловниот бензин, струјата и затоплувањето во Европа.
„Наш приоритет е заштита на стандардот, но ситуацијата е жестока, ситуацијата е алармантна и не знам до кога ова ќе може да се издржи. Но до овој момент ние, со нашите механизми коишто ни стојат на располагање и креативни решенија, успеваме да се спротивставиме на овој удар“, вели Мицкоски.
Во однос на домашниот пазар, премиерот кажа дека АД ЕСМ на јавниот повик на ЕВН Хоме ќе достави понуда со иста цена како минатата и нема да бара поскапување на електричната енергија, согласно новиот бизнис-план со кој компанијата ќе цели кон профит на крајот од 2027 година, иако не може да гарантира за политиката на приватните субјекти. За топлификацијата, каде што се бара големо поскапување поради високата цена на гасот, тој рече дека Владата ќе се бори да нема алармантно зголемување и евентуалната корекција да биде минимална и издржлива.



