Унгарската агенција за борба против корупцијата соопшти дека запленила готовина во вредност од 19,5 милиони долари, закопана в шума и скриена на други локации, за време на истрага против поранешен министер од владата на експремиерот Виктор Орбан.
Миклош Сештак, кој беше министер за национален развој на Унгарија од 2014 до 2018 година, е обвинет за примање мито во шема поврзана со државната транспортна компанија, при набавка на половни автобуси по надуени цени.
Актуелниот премиер Петер Маѓар оствари убедлива изборна победа во април, со што заврши 16-годишното владеење на Орбан, откако вети дека ќе ги истражи наводната корупција и злоупотребата на службената положба за време на владеењето на неговиот ривал. Сештак, уште двајца министри од ерата на Орбан и братот на поранешниот премиер се приведени во одделни случаи, додека истрагите за корупција се забрзаа во последните недели.
Националната канцеларија за поврат и заштита на имот, антикорупциско тело со широки овластувања формирано како дел од кампањата на Маѓар за одговорност, соопшти дека во четвртокот и петокот извршила претреси на повеќе локации во рамки на кривичната постапка против Сештак.
Оттаму велат дека за време на претресот инспекторите пронашле големи суми готовина закопани в шума, скриени во земјоделски објекти, магацини и станбени имоти, како и складирани во скапи сефови на зафрлени локации. Вкупната сума пронајдена за време на дводневниот претрес изнесува 5.071.632.000 форинти, 2.658.350 евра и 1.257.100 американски долари, со што вкупната вредност достигнува 19,5 милиони долари.
Од агенцијата информираат дека нивните вработени ги уплатиле парите на сметката на Унгарската државна каса. Министерот за финансии Андраш Карман на Фејсбук објави дека по приемот, 12 вработени во трезорот ги броеле парите осум часа со помош на пет машини за броење.
Премиерот Маѓар ја поздрави акцијата како потенцијална пресвртница, велејќи дека со ова официјално се означува крајот на мафијата на поранешната владејачка коалиција Фидес-КДНП.
Поранешниот лидер Орбан не реагираше на најновиот развој на настаните, иако претходно ги осуди истрагите насочени кон неговиот близок круг како политички прогон чија цел е негово затворање.



