ЕСТОНИЈА ЌЕ ГИ ЗАТВОРИ ГРАНИЧНИТЕ ПРЕМИНИ СО РУСИЈА ПО НАПАД ВРЗ ФАБРИКА ЗА ДРОНОВИ

    ЕСТОНИЈА ЌЕ ГИ ЗАТВОРИ ГРАНИЧНИТЕ ПРЕМИНИ СО РУСИЈА ПО НАПАД ВРЗ ФАБРИКА ЗА ДРОНОВИЕстонските власти приведоа осум лица под сомнение за обид за подметнување пожар (Фото: АП)

    Естонија ќе ги затвори сите свои гранични премини кон Русија од 1 декември, изјави министерот за надворешни работи Маргус Цахна. Ова следува по напад врз една естонска одбранбена компанија, за што Естонија ја обвини Москва.

    Естонските власти во текот на ноќта приведоа осум лица под сомнение за обид за подметнување пожар во компанијата „Треод системс“, која произведува беспилотни летала. Според властите, налогот за нападот дошол од руската воена разузнавачка служба ГРУ. Естонската служба за внатрешна безбедност соопшти дека нападот бил извршен „со цел да се предизвика експлозија и да се запали зградата“.

    Портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави дека доколку Естонија навистина ја затвори својата граница, тоа би претставувало уште еден доказ за русофобија.

    „Ако ова се нивните вистински планови, тогаш тие се вклопуваат во уште еден бран на агресивна и нескротлива русофобија“, кажа Захарова.

    Москва постојано ги отфрла обвинувањата од европските власти за вмешаност во саботажи.

    „Русија мора да разбере дека непријателските дејствија против Естонија повлекуваат последици“, напиша Цахна на Икс, не прецизирајќи колку долго би траело затворањето на границата.

    Естонија, која е членка на НАТО и силен поддржувач на Украина, моментално има три отворени гранични премини со Русија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира