„ОВОЈПАТ ТАА КАЖУВА“ Е МОТОТО НА 51. ИЗДАНИЕ НА МЛАД ОТВОРЕН ТЕАТАР ВО СКОПЈЕ, ЌЕ ИМА ПРЕТСТАВИ САМО ОД РЕЖИСЕРКИ

    „ОВОЈПАТ ТАА КАЖУВА“ Е МОТОТО НА 51. ИЗДАНИЕ НА МЛАД ОТВОРЕН ТЕАТАР ВО СКОПЈЕ, ЌЕ ИМА ПРЕТСТАВИ САМО ОД РЕЖИСЕРКИНиколовски, Николиќ, Арсовски, Силјаноска и Мечалов ја најавија програмата на МОТ. (Фото: К. Попов)

    Педесет и првото издание на Млад отворен театар (МОТ), кое ќе се одржи од 18 до 24 ноември во Скопје, е посветено на на жената и женското авторство во современиот театар, најави денеска новиот директор на Младинскот културен центар (МКЦ) Димче Арсовски. Мотото на овој МОТ е „Овојпат таа кажува“, а ќе се изведат само претстави од режисерки.

    Буџетот на МОТ годинава е околу 57 илјади евра.

    „МОТ се подготвува подолго време, целата измината година, не е дека се подготвил сега во изминативе недела две или месец дена. Разговарав и мојот добар пријател Русе Арсов кој што е селектор и да речеме неофицијален директор на МОТ, би сакал да му изразам благодарност за овогодишниот МОТ. (Арсов даде отказ од МКЦ минатата недела после 30 години работа. н. з.). Арсов тргна со мотото: ‘МОТ е на жените’. Тоа неколку пати го повторија и другите од тимот и затоа оваа година има само жени режисери на МОТ, што особено ми е драго, се поклопува со целокупната јавна ситуација каде што треба да малку повеќе се заинтересира целата јавност“, рече Арсовски.

    На денешната прес-конференција за програмата на МОТ зборуваа и раководителите на програмскиот тим на фестивалот, Филип Николовски и Кирил Мечалов од МКЦ, како и режисерките Нина Николиќ и Теодора Силјаноска.

    МОТ се отвора на 18 ноември со „Кратки приказни“ на Театар Антон Подбевшек од Словенија, во режија на Сања Нешковиќ-Першин. Истата вечер, во клубот на МКЦ, ќе биде изведена и претставата „Последниот час по клавир“ на Театар 071 | Перипетија, во режија на Нина Николиќ.

    На 19 ноември е „Кокошка“ на Театар Вортекс во Театар Комедија, во режија на Теодора Силјаноска, комедија според текст на Николај Кољада.

    Ќе се изведат и  „Манифест“ на Словенско младинско гледалишче и Глеј Театар, во режија на Татјана Першух, „Три жени“ од Србија, авторски музичко-поетски театарски проект, како и „Закопани чуда“ во режија на Нина Виолиќ. На програмата на МОТ е и „Смртен исход од атлетските повреди“ на Моје позориште од БиХ, во режија на Тара Маниќ.

    Во склоп на музичката програма на 51. МОТ, на 21 ноември, во бифето на МКЦ ќе настапи Арбереше,  уметница од Косово која живее и твори во Швајцарија.

    На 22 ноември ќе биде изведена „Свињи“ на независниот театар „Златен Елец“ во продукција на Центарот за култура Битола, а во режија на Тамара Стојаноска, според текст на Томислав Зајец.

    Фестивалот ќе се затвори со двата танцови перформанса „Надевај се на најдоброто – подготви се за најлошото“ и „Мочуришна драма“, во соработка со Локомотива; „Мојот маж“ на грчкиот колектив Процес во режија на Марија Манганари според расказите на Румена Бужаровска; и „Ана – непоправливата“ на Арт центар Оренда од Бугарија, посветена на руската новинарка и борка за човекови права Ана Политковскаја.

    Билетите за претставите на 51.издание на МОТ се во продажба преку онлајн сервисот за билети bileti.mkc.mk, како и на билетарницата на МКЦ по цена од 400 денари.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира