СВЕТСКА ПРЕМИЕРА НА „СЛАДОСТА НА ГОРЧЛИВИТЕ НЕШТА“, ДЕБИТО НА АНДРЕЈ ВОЛКАШИН, НА ФЕСТИВАЛОТ ВО ТАЛИН ОД А-КАТЕГОРИЈА

    СВЕТСКА ПРЕМИЕРА НА „СЛАДОСТА НА ГОРЧЛИВИТЕ НЕШТА“, ДЕБИТО НА АНДРЕЈ ВОЛКАШИН, НА ФЕСТИВАЛОТ ВО ТАЛИН ОД А-КАТЕГОРИЈАГлавната улога ја игра актерката Зорица Нушева. (Фото: „Веда филм“)

    Светската премиера на филмот „Сладоста на горчливите нешта“, дебитански игран филм на режисерот Андреј Волкашин е денеска во 18:30 часот на 30. издание на Филмскиот фестивал во Талин кој од 2014 има статус на А-категорија. Филмот, во продукција на „Веда филм“ ќе се прикаже во натпреварувачката програма Прв филм, за филмови од дебитанти, и ќе има вкупно три проекции за време на фестивалот што се одржува од 6 до 22 ноември.

    Премиерата е во „Аполо кино плаза“, а по проекцијата ќе се одржи разговор со публиката  на кој ќе присуствуваат режисерот Волкашин, продуцентката Елена Станишева и актерите Зорица Нушева, Лео Поповиќ и Јана Никодиновска, соопшти продукцијата. Покрај светската премиера, филмот ќе има уште две фестивалски проекции на 18 ноември.

    Во филмот играат и Ана Костовска, Гораст Цветковски и Александра Петковска.

    Волкашин, кој е режисер и сценарист на филмот, на прес-конференцијата во октомври кажа дека „Сладоста на горчливите нешта“ е женска приказна за забранета љубов, додавајќи дека е инспириран од роман што го пишувал порано. Филмот е сниман на локации во југоисточниот дел на Македонија, во селото Петрово во близина на Гевгелија, и во Демир Капија.

    Филмот е копродукција на Македонија, Хрватска и Бугарија, со поддршка од Холандија и Еуримаж, а беше поддржан со 19 милиони денари (310.000 евра) на конкурсот на Агенцијата за филм во првиот рок во 2020.

    Директор на фотографија е Кирил Проданов, сценографијата е на Бојана Бачварова, костимографка е Илина Чолак, а маската и шминката се на Симона Ристевска. Со продуцентката Станишева копродуценти се Павлина Ангелова, Николај Тодоров и Звонимир Муниврана.

    Ова е вторпат македонски филм да е во конкуренцијата во Талин, по „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески во 2017, а „17“ на Косара Митиќ годинава ќе игра во паралелната селекција Детски права.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира