Новата шефица на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Искра Хаџи Василева, вели дека интегритетот на обвинителите се покажува преку нивниот однос и реакција кон политичките и другите влијанија. Таа денеска ја презеде функцијата од Ислам Абази и одговарајќи на новинарско прашање, без да посочи конкретни лица или случаи, таа рече дека влијанија имало, има и веројатно ќе има во иднина, но клучно прашање е како самите обвинители се однесуваат кон нив.
Како главни предизвици во работењето на институцијата, Хаџи Василева рече дека тоа ограничените ресурси и недостигот од кадар. Според неа, благото зголемување на буџетот претставува позитивен сигнал, но финансирањето е само еден од аспектите, бидејќи обвинителството се соочува со голем дефицит од јавни обвинители, а уште поизразен и најгорлив е недостигот од кадар во јавнообвинителската служба.
Меѓу првите задачи на новата функција, Хаџи Василева најави дека ќе бидат административните процедури неопходни за непречено и успешно функционирање на институцијата, по што ќе следуваат прашањата поврзани со внатрешната организација. Во овој период од годината редовно се спроведуваат и годишните распоредувања во рамки на обвинителството, што исто така ќе биде дел од нејзините првични активности, а најави и дека ќе работи на подобрување на постапувањето во предметите против полициски службеници.



