ЗГОЛЕМЕН Е БРОЈОТ НА ПРЕДВРЕМЕ РОДЕНИ БЕБИЊА, ДОКТОРИТЕ ВЕЛАТ ДЕКА Е СМЕНЕТ СТИЛОТ НА ЖИВЕЕЊЕ

    ЗГОЛЕМЕН Е БРОЈОТ НА ПРЕДВРЕМЕ РОДЕНИ БЕБИЊА, ДОКТОРИТЕ ВЕЛАТ ДЕКА Е СМЕНЕТ СТИЛОТ НА ЖИВЕЕЊЕНа ГАК од 14 отсто на 19 отсто е зголемен бројот на предвремено родените со оглед на тоа што концентрирани се овие ризични бремености. (Фото: Архива на СДК.МК)

    На Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) во периодот од 1 јануари до 31 октомври 2026 се реализирани 3.266 породувања и се родени 3.216 живи новороденчиња, од кои 610 или 19 отсто предвреме. Повисокиот процент во однос на државниот просек произлегува од тоа што Клиниката е национален терциерен центар во кој се упатуваат ризичните бремености од целата држава, рече денеска директорката проф. д-р Ирена Алексиоска-Папестиев.

    На ГАК од 14 отсто на 19 отсто е зголемен бројот на предвремено родените со оглед на тоа што концентрирани се овие ризични бремености, рече таа, додавајќи дека успеале да ја намалат перинаталната смртност.

    „Повеќе од 90 отсто од бебињата под 32. гестациска недела се третираат на Клиниката и имаме голем придонес за овој успех“, кажа таа.

    Директорката потсети дека на почетокот на годинава УНИЦЕФ и Светската здравствена организација (СЗО)во извештај ја истакнаа Македонија како држава со успешно намалена перинаталната смртност, и тоа со 87 отсто во последната декада, што е голем успех за македонското здравство, со меѓународно признание.

    „Најмалото детенце кое минатата година беше испратено дома, беше родено само во својата 24. гестациска недела со 715 грама, а тоа со најмала тежина имаше 530 грама. Нивниот третман на Клиниката од неколку недели и месеци, е резултат на систематска работа, на една модернизација, на осовременување на опремата што ја имаме и пред сè на едукација и тимска работа на целиот кадар“, рече проф. д-р Алексиоска-Папестиев на прес-конференција во чест на 15 Ноември, Светски ден на предвремено родените бебиња, под мотото „Мали бебиња, голем потенцијал. Инвестирајте во континуирана грижа за да ја заштитиме нивната иднина!“.

    Директорката кажа дека се набавени голем број инкубатори, и тоа седум со донација, а шест биле купени, потоа четири беби-вормери и ултразвучен апарат со три сонди за евалуација на мозочињата, белите дробови и срцето на овие новородени.

    „Јас секогаш велам,  вие може да имате опрема, но ако немате едуциран кадар, залудно ќе ви е таа опрема. Затоа посебно внимание беше посветено на едукација на кадарот во Одделението за интензивна нега. Две од нашите докторки на неонатологија беа испратени во Клиничката болница во Љубљана. Докторките кога се вратија воведоа поставување на централни венски катетри, што се исклучително важни за дечиња кои лежат со недели и месеци на Клиниката, за да не бидат постојано боцкани, туку едноставно да може од таму да се зема примерок“, рече проф. д-р Алексиоска-Папестиев.

    Прим. д-р Елизабета Петковска од ГАК рече дека предвремено родените се најранливата група новороденчиња на возраст меѓу 22. и 36. гестациска недела, но за нив од најголем интерес за третман на Одделот за интензивна нега и терапија се бебињата на возраст до 32.а гестациска недела и со телесна маса до килограм и 500 грама. Според неа, тоа е најранливата група новороденчиња кои често бараат потреба од многу процедури и интервенции.

    Одговарајќи на новинарско прашање прим. д-р Петковска во однос на ризиците, рече дека во последните години сменет е стилот на живеење.

    „Сè повеќе имаме млади мајки кои пред да зачнат, а и во текот на бременоста пушат цигари, можеби користат и лесни дроги, па и некои лекарства кои не е благопријатно да се примаат во текот на бременоста. Слабо спортуваат, обезни се, од тука доаѓа шеќерна болест во текот на бременоста, зголемен крвен притисок и повторно еден ризик за една неквалитетна постелка, неквалитетен дотур на храна и кислород до плодот, кој или предвремено се раѓа или кога ќе се роди е со голем застој и затоа има значи потенцијал да има и други коморбидитети и покрај тоа што се вика прематурите“, рече прим. д-р Петковска.

    Таа кажа дека во моментот има 43 новороденчиња, од кои на 20-тина им е потребна механичка поддршка, 12-13 се приклучени и дишат со помош на респиратор, а другите исто имаат механичка поткрепа, но таа е неинвазивна механичка поткрепа, додека другите бебиња се постабилни и се надеваат дека сите ќе ги извлечат и ќе имаат добар раст и развој.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира