Два големи моста во Киев се погодени во руски напад со балистички ракети доцна синоќа, изјави градоначалникот Витали Кличко. Ракетите ги погодија Северниот и Јужниот мост на реката Днепар, при што е прекинато снабдувањето со вода и електрична енергија.
Украина, пак, втор ден по ред го гаѓаше мостот кој ја поврзува Русија со окупираниот Крим, при што загинаа две лица, изјави регионалниот гувернер Сергеј Аксјонов, додавајќи дека сообраќајот е во прекин. Вчерашниот напад беше дел од најголемиот украински воздушен напад врз Русија од почетокот на војната, кој вклучил 2.049 дронови и четири проектили „фламинго“, според руската војска. Околу 600 дронови летале кон Москва.
Силни експлозии се слушнаа во Киев нешто пред полноќ, а Кличко набргу потоа изјави дека градот претрпел „оштетувања на системите на критичната инфраструктура“.
„Во некои области има прекини во снабдувањето со вода и греење. Оштетени се и делови од надземната метро-мрежа во Киев“, кажа Кличко.
Осум големи моста се протегаат преку Днепар, поврзувајќи ги западниот и источниот дел на Киев. Се проценува дека три милиони жители се потпираат на овие мостови за да се движат низ градот.



