ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ЈА ЗАГРОЗУВА АВТЕНТИЧНОСТА НА ДЕТСКОТО ТВОРЕШТВО, ВЕЛИ ЖИРИТО НА ДЕТСКИТЕ РАЦИНОВИ СРЕДБИ

    ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ЈА ЗАГРОЗУВА АВТЕНТИЧНОСТА НА ДЕТСКОТО ТВОРЕШТВО, ВЕЛИ ЖИРИТО НА ДЕТСКИТЕ РАЦИНОВИ СРЕДБИВероника Гавровска ја доби Гран при наградата за литературната творба на тема „Моето и Рациновото подобро утре“. (Фото: СДК.МК)

    Вероника Гавровска, ученичка во осмо одделение од Основното училиште (ОУ) „Гоце Делчев“ во Босилово, со менторката Весна Тилова, е добитничка на Гран при наградата на 59. Детски Рацинови средби, кои се одржаа во Велес. Таа ја доби наградата за литературната творба на тема „Моето и Рациновото подобро утре“.

    Жирито, составено од македонски авторки, пофали дел од учесниците, но упати и критики кон непримерната употреба на вештачката интелигенција при создавањето поезија.

    „Во пристигнатите творби се препознаваат детски соништа, искреност во нивните емоционални доживувања, а се отворија и различни интерпретативни толкувања на темата. Има оригинални и впечатливи достигнувања, исполнети со емотивен набој, топол лиризам и имагинизам. Кај дел од творбите беше забележана недоволна емоционална автентичност, шаблони и стилски обрасци кои упатуваат на можно користење алатки за генерирање текст со помош на вештачката интелигенција. Технолошките алатки може да бидат помош во творечкиот процес, но не и замена за личното доживување, индивидуалната мисла и автентичниот авторски глас“, изјави поетесата Десанка Николовска, членка на жирито.

    Двата конкурса на Детските Рацинови средби беа меѓународни. Освен ученици од основните и средните училишта во Македонија, учествуваа и деца од училишта во кои се изучува македонскиот јазик во земјите каде што живеат Македонци, меѓу кои Словенија, Хрватска, Србија, Шведска и Германија.

    Во категоријата литературни творби, првонаградени се Тифани Михајловска од Гимназијата „Кочо Рацин“ од Велес, Леонида Михајлова од ОУ „Гоце Делчев“ во Конче, во категоријата за осмо и деветто одделение, и Луна Ѓорѓијевска од ОУ „Вера Циривири Трена“ во Скопје, во категоријата за шесто и седмо одделение.

    На ликовниот конкурс на тема „Рацин и неговите стихови преточени во слика“, првите места ги освоија: во категоријата за средни училишта – Матеја Брезовска од Гимназијата во Гостивар; во категоријата за осмо и деветто одделение – Зорица Ѓорѓиевска од ОУ „Петар Поп Арсов“ во Извор, Велешко; и во категоријата за шесто и седмо одделение – Сара Колодезни од ОУ „Панко Брашнар“ од Велес.

    Организатор на Детските Рацинови средби беше Градската библиотека „Гоце Делчев“ од Велес.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира