Со големи емоции, изразувајќи благодарност на своите родители, уметницата Дита Старова-Ќерими синоќа (16 ноември) ја отвори својата изложба „Уметноста на оддалеченоста“ во преполниот Чифте амам, објект на Националната галерија на Македонија. Старова-Ќерими е ќерка на академикот, писател и дипломат Луан Старова, кој почина во 2022 и на професорката во пензија и поранешна уставна судијка Гзиме Старова.
„Благодарна сум на мојот татко, која ја познаваше мојата емотивна природа. И знаеше колку ми значи да го видам меѓу присутните. Неговото присуство ми беше потпора. Неговата доверба ми помагаше и верував на сопствената работа. Вечерва го чувствувам тука. На мајка ми ѝ благодарам на силата и што секогаш стоела покрај мене. За истрајноста и за достоинството со која ме научи да пристапувам во животот. Мами, благодарам“, емотивно говореше уметницата, а полниот салон ѝ аплаудираше.
Изложбата претставува нов циклус од 20 сликарски дела, во кои, како што вели кураторот Горанчо Ѓорѓиевски, авторката го истражува односот помеѓу човечката блискост и оддалеченоста, присуството и отсуството, сеќавањето и трајноста на емоционалните врски.
„За една сликарка, приемот кај публиката е многу важен, а она што се случи вечерва ми даде самодоверба и верба во себе и во моето творештво. Не можам со зборови да ги опишам сите тие емоции. Ви благодарам што сте присутни и што ќе го паметам овој момент. Ви благодарам што сте дел од мојата среќа вечерва“, рече уметницата.
Старова-Ќерими е сликарка, доктор на науки и професорка на Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот „Американ колеџ Скопје“, а беше директорка на Националната галерија во периодот од 2015 до 2024 година.




