ИМАМЕ БЕСПЛАТНИ ВАКЦИНИ ПРОТИВ РАК НА ГРЛО НА МАТКА, ЗОШТО ДА НЕ ГИ ЗАШТИТИМЕ ДЕЦАТА ОД КАРЦИНОМИТЕ, ВЕЛАТ ОД АСОЦИЈАЦИЈАТА НА ГИНЕКОЛОЗИ

    ИМАМЕ БЕСПЛАТНИ ВАКЦИНИ ПРОТИВ РАК НА ГРЛО НА МАТКА, ЗОШТО ДА НЕ ГИ ЗАШТИТИМЕ ДЕЦАТА ОД КАРЦИНОМИТЕ, ВЕЛАТ ОД АСОЦИЈАЦИЈАТА НА ГИНЕКОЛОЗИСпец. д-р Емилија Трајковска, проф. д-р Глигор Тофоски и спец. д-р Соња Ралева на денешната прес-конференција. (Фото: СДК.МК)

    Целта ни е да се избориме да бидеме генерација која што ќе го елиминира ХПВ-вирусот, ако не успееме целосно да го отстраниме, барем максимално да ја редуцираме појавата на претканцерозни состојби и карциноми. Имаме бесплатни вакцини и за девојчињата и за момчињата, зошто да не превенираме, апелираа денеска од Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО).

    На прес-конференцијата во чест на 17 Ноември, Светскиот ден за елиминација на ракот на грлото на матката, претседателот на Асоцијацијата, проф. д-р Глигор Тофоски, д-р Емилија Трајковска и д-р Соња Ралева,  зборуваа за вакцинацијата против ХПВ и редовниот скрининг кои можат да го спречат ракот на грлото на матката, но и за заштитата и на мажите од разни типови на карциноми.

    Вакцинацијата против ХПВ-вирус во Македонија е во задолжителниот календар за имунизација кај девојчињата од 12 -одишна возраст, а од мај 2024 деветовалнтната вакцина против ХПВ-вирусот може да ја примат и момчињата. Бесплатна е за сите до 19 години. За деца од 12 до 15 години се аплицираат две дози, а над 15 години три дози. Ако некој сака приватно да се вакцинира, над 19-годишна возраст една доза вакцина чини 8.000 денари.

    Спец. д-р Емилија Трајковска член на Управниот одбор на МАГО и матичен гинеколог вели дека има жени кои доаѓаат на редовен преглед, но има и жени кои не дошле со години, и тие се повикуваат со писмо или со телефонска покана.

    „А има и жени коишто ќе слушнат дека некој во нивна близина се разболел л и од страв веднаш доаѓаат на преглед. Многу се важни овие кампањи, да ја подигнеме свеста и за вакцинирање. На пример, во Источна Македонија е многу повисок степенот на вакцинираност против ХПВ. Таму има помал број на доктори, еден град, еден доктор, докторот е заинтересиран да ги информира жените и жените ги вакцинираат своите деца. Не знам зошто Скопје и Охрид одат и Битола со таков процент? Многу ми е жал зошто да ги пропуштаме вакцините што се бесплатни, зошто да не превенираме кога имаме пациентки во многу млада возраст со инвазивни карциноми, и тоа најчесто ХПВ 16, кој што го имаше и во број 4 и во деветвалентна вакцина“, рече д-р Трајковска. Таа додаде дека често пати разговара со пациентките, тие да ги вакцинираат децата с ѐ додека е бесплатна вакцината.

    „Зошто да не? Зошто да не ја фатат додека е бесплатна и додека е најдобро кога е во таа возраст пред првиот сексуален контакт или на почетокот на тие сексуални контакти да се децата вакцинирани, да имаме имунолошки одговор“, вели д-р Трајковска.

    Проф. д-р Тофоски, говореше за стратегијата 90-70-90 и што тоа значи.

    „Деведесет отсто од популацијата, значи момчињата и девојчињата, треба да бидат вакцинирани против ХПВ вирусот, 70 отсто од пациентките треба да добијат навремен скрининг за цервикалниот карцином и 90 отсто од пациентките минимум зборуваме да добијат адекватен третман во пораните фази на болеста. Доколку овие три критериуми се исполнат, во текот неколку години, бројот на новорегистрирани случаи би биле под 4 на 100 000, што на некој начин би претставувало постепено исчезнување на оваа болест“, кажа тој.

    Д-р Тофоски апелираше дека и мажите треба да внимаваат на ХПВ инфекцијата, бидејќи  е сериозен причинител на голем број од орофарингеалните, односно карциномите во усната празнина, на пенилните, аналните карциноми и на присуството на сексуалните брадавички, коишто се исто така не се карцином, меѓутоа сериозна сериозен предизвик во тек на репродуктивниот живот и кај мажот и кај жената.

    Според податоците од 2023 кои ги сподели проф. Тофоски, годишно има околу 120 пациентки со цервикален инвазивен карцином и од нив половина, најмалку 60 завршуваат со фатален исход.

    „Тоа е сериозна траума не само за жената туку и за семејството. Во последната анализирана студија има две пациентки на 18-годишна возраст“, додаде тој.

    Специјалист д-р Соња Ралева кажа дека се почесто доаѓаат девојки и бараат да се вакцинираат, стануваат свесни дека вакцинацијата може да ги заштити од сериозна болест понатаму во животот.

    Опфатот со вакцина против ХПВ во Македонија во последните извештаи изнесува околу 51,5% до 52,5% за две дози (податоци за 2025/2026 година), што е мал пораст во однос на претходните години, но сепак останува многу под препорачаниот светски праг од 95 отсто.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира