Да се стопира изградбата на рудникот за катоден бакар Казандол и граѓаните на Oпштина Валандово да се изјаснат дали е потребен ваков капацитет на километар воздушна линија од градот, се барањата на граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“. Таа деновиве започна кампања да се анимира локалното население за последиците што ќе ги има овој регион со функционирањето на рудникот Казандол. По социјалните мрежи предупредуваат на последиците од работата на овој рудник, бидејки валандовскиот регион надалеку е познат по производство на органски калинки, јапонски јаболка и винова лоза.
Инвеститорот, украинската компанија „Сардич МЦ“, веќе работи на терен за подигање на постројката за произвдоство на катоден бакар. Камен темелникот го поставија во август минатата година, но членовите на граѓанската иницијатива сметаат дека никогаш не е доцна да се реагира, бидејки човечкото здравје и чистата животна средина се многу поважни , наспроти користа од работата на овој капацитет.
„Нашата цел е да се слушне гласот на граѓаните. Не е доцна. Стоиме на ставот дека со работата на овој капацитет ќе имаме многу повеќе последици отколку корист. Рудникот е на километар воздушна линија од Валандово, а овој крај е познат по земјоделско производство. Замислете кога овде ќе има минирања, кога ќе има прашина. За кое земјоделско производство ќе зборуваме тогаш? Згора на сѐ, праксата покажува дека при разложувањето на бакарот од рудата ќе се користи сулфурна киселина, за што веќе се отвараат окна за езера на планината. Каде ќе оди таа киселина? Ова значи дека ни се заканува катастрофа за атарите не селата Пирава, Брајковци, Балинци и Казандол како големи производители на зеленчук, млеко и млечни производи“, вели Катерина Каракотева активист од „Спас за Валандово“, според која најмногу ќе страда органското земјоделско производство.
Тие веќе се организираат за да упатат барање до локалните власти за можно изјаснување за работата на овој рудник. За нив е несфатливо како може да се доделат концесии за експлоатација на минерални суровини во најчистите еколошки региони како што е валандовскиот. Најзасегнати се земјоделците. Димче Балески од здружението на органски производители „Органик каки“ велат дека нема да умре само органското производство туку ќе умре целото земјоделско производство.
„Ако почне да работи Казандол може да се простиме од земјоделството. Колку за илустрација, во околината на Бор во Србија каде исто така има ваков капацитет ПХ вредноста на почвата е само 2 проценти што е еднакво на киселината во акумулаторите, што значи ние ќе имаме загадена почва и повеќе не сакам да коментирам. Ова е истражување на доктор Мирослав Мариќ. Слична е состојбата и во Шпанија во областа Андалузија каде во радиус од 40 километри има загадена почва, а во Јокохама во Јапонија енормно се зголемени заболувањата поради што јапонските власти го затворија рудникот. Така што, ова не е мала работа. Ние како земјоделци веќе ги чувствуваме последиците. Откако се слушна дека овде ќе има рудник за бакар веќе никој не сака да ги купува нивите, а цената по декар беше 2.000 евра. Замислете ако работи, кој ќе купува зеленчук и овошје од валандовско?“ вели Балески.
Градоначалникот на Валандово вели дека за отварањето на овој рудник била консултирана локалната заедница. На јавната расправата за оценката за влијанието на рудникот врз животната средина се воделе жестоки дебати. Тој тврди дека инвеститорот дал гаранции дека ќе се користи најсовремена опрема која нема да ја загадува животната средина.
„Ако има загадување прв ќе бидам што ке ја спречи работата на рудникот оти ние сме една од најеколошките општини во Македонија. До пуштањето и изградбата на фабриката, ако не бидат вградени најсофистицираната опрема што не ја загадува животната средина, јас ви гарантирам дека рудникот нема да проработи. Ветија дека станува збор за финска технологија која паралелно ќе врши прочистување на воздухот. Ќе има и мерни станици за загадувањето, а ние ќе вработиме наш човек што ќе врши контрола. Така што, ќе знаеме во секој момент и ќе реагираме доколку има било какво загадување“, вели градоначалникот на Валандово Никола Чурлиновски.
Гевгелија на 23 април ќе оди на референдум против изградбата на два рудници за злато на канадски компании. Економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ вели дека не смее да се дозволи нашите природни богатства да им се подаруваат на странски компании, труејќи го притоа локалното население.
„Граѓаните и во Валандово и во Гевгелија алармираат дека рудниците ќе имаат многу штетни последици по природата и луѓето. Освен тоа, и во двата случаја станува збор за странски компании, кои би ѝ платиле на државата провизија од само 2% од вредноста на ископот“, вели Јовановиќ.
Валандовчани знаат дека на километар од градот се работи на изградба на рудник за бакар и се чудат како е донесена таква одлука. За нив несфатливо е зошто не е консултирана јавноста од оваа општина по примерот на Гевгелија. Стравуваат за сопственото здравје.
„Ниту бевме информирани, ниту знаевме кога имаше јавна расправа. Рудник овде не може да има, бидејки сме земјоделски регион. Нѐ убедуваат дека ќе имало вработувања. За кои вработувања говорат, кога ние немаме таков кадар што значи ќе мора да увезуваме. Ние овде сме земјоделски регион, одгледуваме еколошки калинки, јапонски јаболка и еколошка винова лоза. Меѓу другото, што ако има заболувања, кој ќе одговара?“, коментираат жителите од Валандово.
На Казандол , компанијата „Сардич МЦ“ при геолошките истражувања утврдила дека има резерви од 33 милиони тони рудно количество, а за експлоатација се потврдени за 20 години. Капацитетот на рудникот е 4.000 тони катоден бакар. Од фирмата при поставувањето камен-темелник соопштија дека ќе биде вградена современа технологија од фински „Аутотек“ со која, како што кажаа инвеститорите, нема да има негативно влијание врз животната средина. Инаку, „Сардич МЦ“ во овој рудник планира да вработи 100-на луѓе, а произвдсотвото на првите бакарни катоди да започне до крајот на годината. Целата инвестиција е проценета на околу 35 милиони евра.
В. ТРАЈКОВ