Тетово синоќа, по 22 часот, беше зафатено од големо невреме, проследено со силен ветер. Орканските налети на ветерот однесоа покривни конструкции од повисоките катови на две згради. Беа соборени и повеќе дрвја, но најкритично беше на две градилишта, каде што, според снимките што ги направиле граѓаните, можеше да се види како два големи крана се лулаат лево-десно под налетите на силниот ветер, поради што постоела голема опасност да се срушат.
На тие места веднаш интервенирале полицијата и противпожарната бригада, кои ги затвориле улиците за сообраќај и минување сè додека не поминало невремето.
„Видовме дека крановите се лулаат под налетите на ветерот. Заедно со полицијата ги затворивме улиците за сообраќај и минување за да го обезбедиме местото. Ова се случуваше на две различни градилишта. Денеска таму треба да излезе инспекција и да им укаже на оние што ги градат овие згради дека при вакви временски услови мора да ги обезбедат крановите. Освен ова, имавме однесени покриви на две високи згради во градот, а имаше и повеќе паднати дрвја, како во ОУ ‘Андреја Савески-Кикиш’, во кругот на Клиничката болница во Тетово, така и кај полигонот во Деребој, каде што дрво паднало на патот. Паднати дрвја имаше и на повеќе други места, каде што беа пријавени помали или поголеми материјални штети“, изјави Авни Амети, командир на Противпожарната бригада во Тетово.
Според информациите, во синоќешното невреме нема повредени лица, туку е причинета само материјална штета.
З. АНДОНОВ



