Протече водата кон Езерото Младост од двете бушотини на Отовичка и Рудничка Река. Тоа е една од обврските што Хидробиолошкиот завод (ХБЗ) од Охрид ги даде за решавање на проблемот со водата во акумулацијата. Ова беше потребно заради обезбедување кислород во водата, оти поради недостиг се појавуваа пивтиестите наслаги со изумрени материи, кои пловеа по површината на езерото.
„По извршените проби и технички работи, изведените бушотини во близина на Отовичка и Рудничка Река се пуштени во употреба. Тие ќе придонесат за подобрување на квалитетот на водата во Езерото Младост и ќе течат 24 часа на ден. Двете бушотини се заштитени со метална куќарка од оштетувања, а одводот е вграден во земја, односно е изведен подземен цевковод, за да се избегне нивно уништување. Останува да се промени вентилот од браната, како и да се заврши изградбата на цевководот со кој водата од акумулацијата Лисиче треба да го полни езерото Младост“, кажа Ване Маневски, директор на ЈВП „Лисиче“, кое е носител на активностите за санација на акумулацијата Езеро Младост, за што Владата издвои 10 милиони денари (над 160.000 евра)
Во изминатиот период реализирани се неколку проекти кои треба да ја подобрат состојбата на акумулацијата. Исчистен е брегот на езерото од мил, тиња, трска и стари дрвја, а исчистен е и каналот на Отовичка Река. Последното испитување на квалитетот на водата од ХБЗ во октомври покажа дека нема цијанобактерии, а со тоа и цијанотоксини. Но, оваа институција рече дека треба да се врши честа контрола на водата.
Во овој зимски период, две години откако се појавија наслагите на површината, составени од изумрени алги и трски, нив ги нема. Тие се појавуваат со зголемувањето на температурата. ХБЗ препорача нивно чистење од површината, посебно околу заливот кај Отовичка Река.
Останува да се реши проблемот со делот од колекторскиот систем помеѓу двата мотели, кој се наоѓа под нивото на водата во езерото. Поради тоа се случува да се поплави тамошна шахта, па се јавува зголемена концентрација на фекалии во тој дел од акумулацијата. Советот треба да донесе одлука и за десниот крак на колекторскиот систем да се предаде на ЈКП „Дервен“, како што е предаден и левиот, кој ги собира отпадните води од околните населби и селата Кумарино, Сујаклари и Отовица.
Во наредниот период е најавена санација на темелниот испуст на браната, односно на вентилот, што претставува сложена техничка интервенција. Во 2013 година беа поставени два нови затворачи, кои не биле функционални, покажале контролите на стручните лица од ЈВП „Лисиче“.
„Новиот вентил ќе служи за испуштање вода од дното на акумулацијата, каде што стручните лица констатирале еден метар наслаги, кои треба да се испуштат, а водата да се чисти“, вели Маневски.
Поради лошиот квалитет на водата во акумулацијата Младост, четирите плажи две години беа пусти и празни, а гости немаше. Густите, пивтиести наслаги со жолто-кафеава боја во летниот период, две години по ред, покриваа значителен дел од површината на акумулацијата, особено во крајбрежните делови кај Отовички Залив. Поради високите температури и намаленото количество кислород во водата се создаваа наслаги, кои беа најмасовни во текот на летниот период. Со опаѓањето на температурата во текот на зимата, наслагите исчезнуваа: некои се разградуваа, други паѓаа на дното, а трети остануваа на суво по повлекувањето на водата во акумулацијата.
П. ПЕЧКОВ



