И граѓаните на Велес и општинските советници не се задоволни од состојбата со бездомните кучиња во градот. На седницата на Советот, на која се разгледуваше деветмесечниот извештај за работата на ЈП Регионален центар за згрижување на бездомни животни, Стационар „Шепа“, кој привремено ги згрижува овие кучиња, советниците кажаа дека состојбата на терен не е добра.
„Дали граѓаните на Општина Велес, кои годишно издвојуваат 4,4 милиони денари (над 70.000 евра) за работата на ‘Шепа’, добиваат резултати адекватни на тој финансиски товар? Долгорочно се работи на намалување на размножувањето, но не е познато дали оваа цел се постигнува. Потребно е да се спроведуваат кампањи за вдомување на бездомните кучиња“, рече Анета Стаиќ од партијата Левица.
Таа реагираше дека планот за набавка на храна за кучињата за девет месеци е исполнет со 32%. Констатираше дека Општина Велес не должи ниту денар, ниту за годишната котизација, ниту за заловените кучиња, односно редовно си ги сервисира долговите. Наспроти тоа, Кавадарци и Неготино имаат долг од 2,5 милиони и 1,5 милион денари за девет месеци.
„Состојбата со бездомните кучиња по улиците на градот не е сјајна. За тоа имаме поплаки од граѓани, статуси на Фејсбук, реакции. Од друга страна, надлежните од локалната власт велат дека на секоја нивна реакција вие доаѓате во Велес, сте кооперативни и ја завршувате обврската. Вие го давате максимумот, но дали се решени проблемите? Граѓаните очекуваат многу повеќе. Велес плаќа најмногу, а Кавадарци има најмногу заловени кучиња“, кажа Маја Демерџиева од ВМРО-ДПМНЕ.
Во извештајот за првите девет месеци од годинава се вели дека ЈП Стационар „Шепа“ заловило 563 бездомни кучиња во деветте општини што ги покрива, од кои 114 се вдомени. Во Велес биле заловени 148, а 18 биле вдомени.
Во овој стационар се вршат стерилизација, вакцинација и кастрација на бездомните животни, кои тука, согласно законот, остануваат до 30 дена, а потоа се враќаат на местото каде што се заловени.
„Во Велес доаѓаме два до три пати неделно. Излегуваме на терен и гледаме дека кучињата се со маркица, што значи дека се стерилизирани. По еден месец, на истата локација имаме нови кучиња. Кога доаѓаме на терен во Велес, не заловуваме помалку од четири нови кучиња. Имаме ситуации кога станува збор за бездомни кучиња кои се маалски, па граѓаните реагираат: ‘Остави го, тоа е наше’. А тоа куче создава или остава потомство и се зголемува бројот на маалски кучиња. Женска единка годишно дава пет нови кучиња, а може и десет. Целта е да го намалиме бројот на нестерилизирани кучиња. Во однос на реакцијата за поголемиот број заловени кучиња во Кавадарци, ќе илустрирам со пример. Стационарот е во околината на Кавадарци. Заловуваме куче од Кавадарци, го пуштаме по 30 дена, а тоа по некое време се враќа и ни носи неколку другарчиња. Такви примери има повеќе“, изјави Снежана Гинева, директорка на ЈП Регионален центар за згрижување на бездомни животни, Стационар „Шепа“.
Таа дополни дека при вдомувањето најмногу помагаат активистите за доброто на животните.
П. ПЕЧКОВ



