Жителите од Крива Паланка и околните села денеска протестираа барајќи безбедност, заштита на имотот и итно спроведување на решенијата за одземање на околу 1.000 крави кои неконтролирано шетаат низ градот и предизвикуваат сериозни штети. Под мотото „За безбедност, за заштита на имот и за спроведување на законот“, граѓаните побараа координирана институционална акција и трајно решавање на проблемот.
На протестот, оштетените граѓани сведочеа за уништени насади, оштетен имот, материјални загуби и закани, барајќи сигурност за своите семејства и непречено обработување на земјоделските површини.
Градоначалникот Сашко Митовски рече дека ќе остане со граѓаните сè додека не се спроведе законот и последното грло добиток не биде изнесено од градот. Тој потсети дека решенијата се донесени пред повеќе од две и пол години и побара надлежните институции конечно да постапат.
Претседателот на Советот, Миле Трајковски, најави порадикални протестни мерки ако институциите не преземат конкретни активности. Поддршка за граѓаните изразија и пратениците Љупчо Николовски од СДСМ и Борислав Крмов од Левица.
Протестот следува по барањата на Општинскиот кризен штаб за Владата да прогласи 30-дневна кризна состојба. На 18 ноември беа поднесени и кривични пријави, претставка до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и барање за вонреден инспекциски надзор. Главните барања остануваат итно спроведување на донесените решенија, утврдување институционална одговорност и конкретна заштита на граѓаните и нивниот имот.
Истражувањето на БИРН од декември 2025 откри дека државата формално ги одзела животните од сточарот Гоце Ѓорѓиевски и неговите три ќерки уште пред една и пол година, по измените на Законот за благосостојба на животните. Сепак, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) е сопственик на добитокот само во документацијата, додека на терен ситуацијата е непроменета и кравите и понатаму лутаат без надзор низ планинските предели, често преминувајќи ја и државната граница.
Целиот случај е следен со низа неуспешни правни постапки. Полициска пријава од 2018 година открила мрежа на соработници, вклучувајќи ветеринари и државни контролори, кои му овозможиле на сопственикот незаконски да подигне субвенции во износ од 70.000 евра. Иако случајот бил препратен до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, истрага не била отворена со години. По измените на Кривичниот законик во 2023 година, делото за Злоупотреба на службената положба застарело, а предметот бил вратен во обвинителството во Куманово.



