Во Народната библиотека во Штип се промовираше седумтомната едиција посветена на Балканските војни (1912-1913) и Македонскиот фронт (1915–1918), од авторите д-р Оливер Цацков, универзитетски професор од Штип, и д-р Анита Илиева Николовска од Лексикографскиот центар при Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
„Вистинската вредност на седумте публикации е токму во нивната меѓусебна поврзаност, а значајно е што авторите се определиле за хронолошко истражување. Оваа едиција не е само географска сцена на историските настани, туку централна точка од која се согледуваат и толкуваат пошироките историски процеси во кои се вткаени аспирациите и интересите на балканските држави и геополитичките стратегии на големите држави“, вели промоторот проф. д-р Андреј Илиев од Воената академија.
„Балканските војни биле крвави вооружени конфликти, а Брегалничката битка била клучната и најкрвавата во Втората балканска војна, која не само што завршила со трајна поделба на територијата на Македонија, туку била и војна во која загинале и исчезнале илјадници луѓе од месното население, најмногу од Штипско“, пишува во публикациите.
Во Брегалничката битка, двете завојувани страни, Бугарија и Србија, насилно мобилизирале млади луѓе од месното население, па се случувало браќа и блиски роднини, без да знаат, да пукаат едни на други.
Наметнатата братоубиствена војна најдобро се отсликува преку примерот на браќата Авукатови од Штип. Јордан Авукатов бил мобилизиран од бугарските власти и испратен во воените дејствија против српската војска на реката Брегалница. Бил учесник и во кобната ноќ кога бил нападнат српскиот логор. Утредента, рано наутро, во близина на Ежов Рид, кај штипската населба Три Чешми, Јордан, пред да пука, видел дека таму е неговиот помлад брат, кој бил во редовите на српската војска. Кога бугарските војници биле потиснати преку Брегалница, браќата се оттргнале од двете војски, па се вратиле во своите домови живи и здрави. Но, според бројните сведоштва, многу браќа и роднини, кои без да знаат пукале едни на други, загинале во овие војни“, вели авторот Цацков.
Токму месното население од овој регион најмногу страдало во Брегалничката битка, беше речено на промоцијата.
„Досега никој не го утврдил бројот на загинатите и исчезнатите Македонци за време на Балканските војни, ниту се утврдени нивните имиња. Многу градови и села на целата територија на тогашна Македонија биле целосно разурнати. Таков е случајот и со Стар Дојран, па затоа жителите изградиле Нов Дојран. Во Штип, жителите од Ново Село, за да се видат со своите роднини во градот, морале да одат по обиколни патишта, па во тоа време настанала и населбата Пребег. Во Мариово, за време на овие војни и присуството на војските од Србија и Бугарија, се случил и најголемиот екоцид, со масовно сечење на шумата“, вели Цацков.
Т. ЈОВАНОВСКИ



