ДРОНОВИ ПОТОПИЈА РУСКИ ВОЕН БРОД ВО ПРИСТАНИШТЕ ВО ЛИБИЈА

ДРОНОВИ ПОТОПИЈА РУСКИ ВОЕН БРОД ВО ПРИСТАНИШТЕ ВО ЛИБИЈАНа сателитските снимки се гледа чад како се крева од бродот (Фото: Планет лабс)

Напад, за кој постои сомневање дека бил извршен со беспилотно летало, предизвика експлозија на руски брод закотвен во поморската база во Бенгази, соопшти владата на Либија со седиште во источниот дел на земјата по спроведената прелиминарна истрага. Никој не презеде одговорност за овој напад, а досега немаше реакција од руските власти.

Десет лица, меѓу кои Руси и Либијци, се здобиле со полесни повреди во инцидентот. Компанијата „Вантор“, која обезбедува сателитски снимки, изјави дека станува збор за „Меркур“, мал воен брод на руската морнарица.

На снимките се гледа дека поголемиот дел од бродот се превртел и потонал, а над водата останал видлив само неговиот прамец. Исто така, се гледа чад како се крева од бродот, додека по кејот се расфрлани остатоци.

Подоцна, во близина на брегот на Бенгази бил погоден и трговски брод што пловел под малтешко знаме , изјавија за „Ројтерс“ два извора од либиската војска. Тие навеле дека либиските поморски и воздухопловни сили, исто така, пресретнале повеќе од 20 беспилотни пловни објекти во близина на брегот на Бенгази во неделата навечер.

Владата на Либија соопшти дека рускиот брод застанал во Бенгази за да наполни гориво и да се снабди со залихи на пат кон Русија, врз основа на договорите за поморска соработка помеѓу двете земји.

„Либија не учествува во војната помеѓу Русија и Украина и нема да дозволи либиските пристаништа, територија или територијални води да се претворат во арена за расчистување сметки или за пренесување на меѓународни конфликти“, кажа владата.

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира