ТРАМП СЕ СООЧУВА СО КРИТИКИ ПО ТВРДЕЊЕТО ДЕКА ТОЈ ГО ВРАТИЛ ЏЕНСЕН ХВАНГ НА ДИРЕКТОРСКАТА ФУНКЦИЈА ВО „ЕНВИДИЈА“

ТРАМП СЕ СООЧУВА СО КРИТИКИ ПО ТВРДЕЊЕТО ДЕКА ТОЈ ГО ВРАТИЛ ЏЕНСЕН ХВАНГ НА ДИРЕКТОРСКАТА ФУНКЦИЈА ВО „ЕНВИДИЈА“Трамп кажа дека разговарал со одборот на директори на „Енвидија“ и го убедил да го врати Хванг (Фото: АП)

Доналд Трамп се соочува со критики по тврдењето дека тој го убедил управниот одбор на технолошкиот гигант „Енвидија“ да го врати Џенсен Хванг на функцијата извршен директор. Хванг поднесе оставка на 12 ноември откако призна дека имал љубовна врска со кинеска бизнисменка, која американските власти ја истражувале и заклучиле дека била поврзана со кинеската разузнавачка служба.

Враќањето на Хванг помогна да се стави крај на еднонеделниот пад на американските акции. Цените на акциите на „Енвидија“ остро паднаа по оставката на Хванг, но скокнаа за 31% откако тој беше повторно именуван за директор вчера, со што пазарната вредност на компанијата се зголеми за околу еден трилион долари.

„Разговарав со одборот на директори на ‘Енвидија‘ и го убедив да го врати Хванг. Тие постапија навистина одговорно. Тие побараа гаранција за заканата за националната безбедност и ние им дадовме гаранции со сѐ што знаеме. И знаеме многу. Луѓето велат дали е закана да го имаш? Не, заканата е да го изгубиш“, рече Трамп.

Министерството за трговија на САД објави дека ќе ја стави на црната листа компанијата „Мегаспид“, каде што наводната кинеска шпионка Алис Хванг беше извршна директорка.

Раководителот на Меѓународната асоцијација за безбедна и етичка вештачка интелигенција, Стјуарт Расел, изјави дека управниот одбор на „Енвидија“ веројатно бил изложен на огромен притисок од Белата куќа за да го врати Хванг на функцијата.

„Цената на акциите на ‘Енвидија‘ и на слични компании е главен фактор што со години го поткрепува економскиот раст на САД. Претпоставувам дека Белата куќа беше загрижена оти пазарите ќе паднат уште повеќе во следните неколку недели, доколку не го вратат Хванг“, вели тој.

Хванг следната недела треба да сведочи пред Конгресот. Хаким Џефрис, кој се очекува да стане нов спикер на Претставничкиот дом, ја нарече одлуката за враќање на Хванг на функцијата „неодбранлива, неодговорна и неразбирлива“ и вети дека Конгресот ќе спроведе „брза, темелна и сеопфатна истрага“.

„Нема да дозволиме администрацијата на Трамп да ја продаде националната безбедност на Америка за лична финансиска корист“, рече Џефрис.

Покрај демократите, и републиканците бараат одговори.

„Контроверзата со ‘Енвидија‘ и ‘Мегаспид‘ е само врвот на ледениот брег и не е решена со тоа што Џенсен Хванг си ја врати работата“, изјави сенаторот Том Котон, кој го предводи одборот за вештачка интелигенција.

Откако минатата година се врати во Белата куќа, Трамп имал значителни инвестиции во „Енвидија“. Неодамнешните финансиски извештаи покажуваат дека тој во последните две години купил акции на „Енвидија“ во вредност меѓу 23 и 86 милиони долари.

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира