Јубилејна едиција со 18 наслови во 12 книги на писателот за деца и млади Велко Неделковски ќе биде промовирана на 26 ноември oд 10 часот во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ во Скопје. Едицијата е во издание на „Арс Ламина“, по повод 80 години од раѓањето и 60 години творештво на Неделковски.
За неговите книги ќе говори професорката Весна Мојсова-Чепишевска.
Едицијата опфаќа шест самостојни изданија: „Збунети години“, „Шармери од осмо“, „Симчо“, „Бибисек Втори“, „Корнет Лизи во Шаренџам“ и „Првото жарче ЉУБ“, како и шест книги во концептот „Прегрнати книги“, во кои се обединети по два наслова.
Неделковски е роден на 28 октомври 1946 во Скопје. Работел како драматург и сценарист во Македонската телевизија, а член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1980 година. Автор е на романи, раскази, сказни, поезија и драмски текстови за деца, како и на шеесетина радиодрами и триесет играни телевизиски серии за најмладите, меѓу кои „Саки од Саканија“, „Светот има осум страни“ и „Царството на другарството“. Пишува и за возрасни, а меѓу неговите понови дела се романите „И не биди млад мајмун“, „Песја прељуба“ и „Токсични луѓе“.
Добитник е на повеќе книжевни признанија, меѓу кои награда за најдобра детска книга на Струшките вечери на поезијата, награда „Феникс“ на Град Скопје и награда за животно дело на Македонската радио-телевизија.



