Е ПА, НИ СЕ СЛУЧИ

(Кон „Нема да ви се верува што се случи претходно“ на Срѓан Јаниќијевиќ, играат Никола Ристановски, Дарја Ризова, Сара Сандева, Оливер Митковски,  Лео Долорес Поповиќ,  Тамара Ристовска, Сашко Коцев)

Е ПА, НИ СЕ СЛУЧИДарја Ризова во сцена од „Нема да ви се верува што се случи претходно“. (Фото: Продукција „Ново македонско видео“)

„Нема да ви се верува што се случи претходно“, дебито на Срѓан Јаниќијевиќ, е размисла за тоа дека борбата за слобода бара лична жртва, па и по секоја цена. Во поттекстот на филмот, пак, опстојува вечното прашање, особено актуелно сега и тука: не е спорно дека цената е ужасно висока, спорно е дали баш секој од нас е спремен да ја плати? Одговорот не е баш оптимистички во земја со децении разјадена од висока материјална и морална корупција, политички хранети насилства и општествена поларизација по сите линии.

Сценариото е на Јаниќијевиќ со Дејан Дуковски и Сашо Кокаланов, поранешен новинар и главен и одговорен уредник на весникот „Дневник“ од 2008-2011, кога во сите светски индекси на слобода на медиумите Македонија регресираше во „неслободна земја“, процес што впрочем и апла се слушна во прислушуваните разговори – „бомби“. А процес што апла и го доживеаја, а богами и едвај го преживеаја сите професионални новинари кои се бореа да си го задржат и личниот и професионалниот интегритет во услови на заробена држава.

Филмот е политички трилер со динамична напред-назад наративна структура во која две елиптични приказни на крајот се испреплетуваат во драматично крешендо.

Сместена во едно деноноќие, приказната за двајца новинари, искусниот Бодан (Никола Ристановски) и младата Софија (Дарја Ризова) кои независно еден од друг гонат две компромитирачки видеоснимки за власта, се одвива главно во кола и низ телефонски разговори на главните ликови со другите протагонисти – галерија шаренолики карактери, од ќерката на Бодан – трансродовото лице Ана-Ангел (Лео Долорес Поповиќ), преку неговите бивша (Тања Кочовска) и сегашна сопруга лекарка (Тамара Ристовска), до високиот партиски фиксер Шуте (Сашко Коцев).

Дијалогот е со жив и богат јазик, а телефонските разговори се претставени преку видеопанели, кои, проследени со фуриозниот ритам на музиката на Игор Василев-Новоградска, наликуваат на симулација на видеоигра. Естетиката на мултимедијалност се воспоставува и преку текстуалните пораки што се појавуваат на екранот. Во сцената кога Бодан се соочува со колешката Софија, дијалогот се појачува преку ејзенштајновски нагласените слоган-панели со делови од репликите (што, сепак, во контекст на приказната го нема ејзенштајновскиот ефект туку по малку личи на памфлетска декларација).

Во филмот има повеќе зборување отколку дејствување, па на моменти ни динамичната монтажа на Мартин Иванов не успева да го збрза темпото. Ова е проблем особено во сцената на бизарната средба на Бодан со премиерот маскиран ко прасе (соодветно на прекарот Прасето) на долга маса, они молчат, а оперска пејачка (Весна Ѓиноска-Илкова) ја пее аријата „Живеев за уметноста“ од „Тоска“. Сцената е предолга и го успорува финалето, а бизарноста не помага за веродостојноста на драмата.

На мрачниот тон на приказната идеално се надоврзува и визуелниот пристап на камерата на Дејан Димески, која и тескобниот ентериер на колата и градската панорама ги слика како дел од некаков безвременски Готам Сити.

Визуелниот идентитет на филмот во голема мера го градат и костимите на Лидија Георгиева, една од најзначајните македонски модни дизајнерки, која дебитира на филм. Нејзините костими се мала студија на ликовите со внимателно осмислен тотал-дизајн, креација на подигран современ шик.

Дарја Ризова и Никола Ристановски ги играат главните ликови со две спротивставени енергии. Софија на Ризова е речиси старовремски опиена од идеалите за „моќта на медиумите“,  таа е  остра, бистра, пргава, но со тоа како да ја крие ранливоста и несигурноста. Бодан на Ристановски е уморен циник без илузии за „моќта на медиумите“, кој патем го загубил оптимизмот за нов почеток, па некако сѐ му е рамно.

Впечатливи се епизодните улоги на Оливер Митковски како дилерот Деки и на Сара Сандева како тинејџерката Ева. Митковски го збогатува ликот на Деки со неочекуван остар пресврт во расположението, од збунет недоветник до мизогин психопат, а Сандева создава трогателна минијатура на тинејџерка чие растурено семејство ја остава ем скршена, ем лута, ем длабоко осамена.

„Нема да ви се верува што се случи претходно“ е истовремено и оптимистички и песимистички. Оптимистички, поради сознанието дека личната жртва прави разлика во борбата за слобода. Песимистички, оти таа борба не завршува со една битка, напротив, борбата продолжува и трае цел живот. Млад си сѐ додека тоа сознание не те обесхрабрува.

„Нема да ви се верува што се случи претходно“ имаше светска премиера на фестивалот во Олденбург, Германија, а од 12 ноември игра во кино во Скопје и низ Македонија.

Марина КОСТОВА

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира