Најмалку 490.334 руски војници загинале од почетокот на војната во Украина во 2022 година, според статистиката на руската влада, анализирана од Би-Би-Си.
Протечените податоци од руската агенција за статистика Росстат откриваат како целосната инвазија на Украина фундаментално ги променила моделите на смртност во Русија и ја покажуваат високата човечка цена на војната за која Владимир Путин претпоставуваше дека ќе трае само неколку дена. Рускиот сервис на Би-Би-Си имал пристап до 11,7 милиони записи за смртни случаи од 2021 до септември 2026, откриени по хакерски напад од белоруската група „Сајбер партизани“ и украинскиот колектив „Тивка врана“.
Росстат призна дека бил мета на сајбернапад, но негираше дека протекле какви било заштитени информации.
Податоците покажуваат дека руската армија во пролет 2025 губела неверојатни 720 луѓе на секои 24 часа, а најмалку една третина од нив биле убиени околу Покровск, каде што Москва испрати десетици илјади војници во својата пролетна офанзива.
Податоците, исто така, го откриваат обемот на загубите во одредени области на Украина. Околу 20.000 руски војници загинале борејќи се за контрола на десет украински села, чие вкупно население пред војната броело 12.000. За време на борбите за малото село Андриевка, јужно од градот Бахмут во регионот Доњецк, 1.122 Руси ги загубиле животите. Пред војната таму живееле 74 луѓе.
Речиси 116.000 загинати имало во областа Покровск, која го опфаќа и гратчето Авдиивка, каде што се водеа две од најдолгите и најкрвави битки во војната.
И покрај сите тие загуби, фронтовската линија едвај се помести. Од почетокот на 2023, Русија освоила околу 8.000 квадратни километри, помалку од 1,5% од територијата на Украина, според податоците од украинската мониторинг група „ДипСтејт“.
Записите на Росстат анализирани од „Гардијан“ покажуваат дека војната постојано станувала сè посмртоносна, достигнувајќи драматичен врв во 2025 година.
Регистрирани се речиси 20.000 смртни случаи во првата година од инвазијата и 50.000 во 2023. Во 2024 бројот на жртви се зголемил повеќе од двојно, на над 134.000, како и за дополнителни 52% една година подоцна, на близу 200.000. Во оваа најсмртоносна година од војната гинеле околу 548 руски војници дневно.
Овие бројки ги засенуваат сите воени жртви на Русија или Советскиот Сојуз од Втората светска војна. Според официјалните бројки, околу 15.000 советски војници загинале во деветте години од војната во Авганистан.
Трагичниот биланс на војната во Украина сигурно ќе биде поголем. Смртните случаи на исчезнати војници често се регистрираат со месеци или години подоцна, а евиденцијата нагло се намалила во 2026, иако борбите остануваат исклучително смртоносни.
Во војната загинале и илјадници странци. Според анализите на Би-Би-Си, тоа вклучува и 2.304 севернокорејски војници и 1.031 Узбекистанец.



