Фолк-ѕвездата Лепа Брена денеска одржа прес-конференција во Скопје по повод нејзиниот концерт на 18 декември. Пејачката се присети на периодот кога со сопругот, поранешниот српски тенисер Слободан Боба Живојиновиќ и со постариот син Стефан живеела во Скопје, а зборуваше и за промените во градот и за носталгијата по Југославија.
Во Скопје се преселиле поради деловниот ангажман на нејзиниот сопруг, кој одлучил да отвори генерално претставништво на автомобилски бренд.
„Јас тогаш го имав само постариот син Стефан и мојот сопруг одлучи да се преселиме во Скопје. Дојдовме тука со нашата секретарка. Мене тоа ми беше многу чудно, меѓутоа, бидејќи ние двајца сме светски патници, домот ви е таму каде што ви се децата, каде што ви е сопругот и каде што работите. Можам да ви кажам дека навистина уживав и дека многу добро се сеќавам на тој убав период. Тука поминавме нешто повеќе од година и пол. Најмногу уживав во македонската храна. Можеби не изгледам како гурман, но ги обожавам сите производи од модар патлиџан, пиперки и домати“, рече Лепа Брена, која живееше во Скопје на почетокот на 1990-тите кога нејзиниот сопруг отвори претставништво на „Мерцедес“ во Македонија.
Пејачката вели дека забележува инфраструктурен напредок во Скопје, но смета дека луѓето останале исти.
„Скопје се гради и има голем напредок. Јас сум стара Југословенка. Така сум родена и не се менував ниту во оние лоши времиња. Сметав дека југословенството има една ширина, која би ја нарекла космополитизам и пацифизам. Луѓето ги делите на добри и лоши, а можеби јас ги делам на работници и неработници“, кажа пејачката.
Таа додава дека е носталгична по времето во кое растела и по вредностите со кои биле воспитувани нејзините генерации.
„Јас сум носталгичар. Воспитана сум како Југословенка. Тогаш имавме само две телевизиски програми. Се радувавме и на телефоните и на правосмукалките и на целиот тој технолошки напредок што ја затекна нашата генерација. На телевизија можевме да гледаме исклучителни личности од светот на спортот и науката, детски и културно-забавни емисии, најдобрите актери, најдобрите спортисти, светските научници и најновите светски серии“, рече пејачката.
Во 1995 година, Брена одржа голем концерт на Градскиот стадион во Скопје со 25.000 посетители.
М. ЏAРОВСКА



