„Некаде тргнавме, никаде не стигнавме“ е реплика која останува врежана во сеќавање од претставата „Црно злато“ на Дејан Дуковски, во режија на Слободан Унковски, која премиерно се изведе синоќа (27 ноември) во Македонскиот народен театар (МНТ).
МНТ беше полн со театарски уметници, амбасадори, бизнисмени, кои и за време на претставата, и на крајот, реагираа со големи аплаузи и овации.
Проект на тандемот Дуковски-Унковски е театарски празник не само во Македонија, туку и низ европските сцени. Ова е десетта претстава на Дуковски, а петта со режисерот Унковски. Реномираните драматург и режисер, долгогодишни соработници, оваа претстава „Црно злато“ ја посветија на Горан Стефановски, нивен учител, пријател, соработник, кој почина на 27 ноември 2018. Во текстот има траги од драмите на Стефановски, како еден вид омаж на Дуковски кон големиот учител, од кого, вели, научил многу и за животот и за театарот. Унковски и Стефановски беа долгогодишни соработници и пријатели, кои заедно создадоа некои од култните драми и ТВ-проекти.

После повеќе години, Мими Таневска и Јовица Михајловски играат на сцена и одлични во нивната тажно-комична брачна сага. (Фото: К. Галевски)
Дуковски вели дека поднасловот на текстот е „Опиум и пари“, а приказната е врзана со опиумот, познат како „црно злато“, бидејќи Македонија, на крајот на 19. и почетокот на 20. век, била голем производител на опиум, кој бил познат по својот квалитет.
Претставата „Црно злато“ нѐ соочува со конфликтот меѓу конзервативните и современите гледишта за светот меѓу родители и деца, меѓу пријатели, љубовници. Драмскиот фокус е на семејство погодено од повеќекратни транзиции: социјални, политички, етички и родови. Низ одлични актерски ролји, минималистичкиот декор на Бранко Хојник, впечатливи музика и костими на Златко Ориѓански и Александар Ношпал, видовме трагикомични сцени, емотивни, љубовни, сцени со предрасуди, сцени со прифаќање. Претстава за љубов, но и за идентитетот, колку самите себе се сакаме.
Во претставата играат: Јовица Михајловски, Мими Таневска, Камка Тоциновски, Нела Павловска, Григор Јовановски, Сашко Коцев, Софиа Насевска-Трифуновска, Гораст Цветковски и Аксел Мехмет. Асистентка на режисерот е Звездана Ангеловска, асистент на сценографот Мартин Манев, а асистент на костимографот Никола Булески.
Унковски вели дека иако „Црно злато“ влече мотиви од „Парите се отепувачка“ не е ниту фоклорен, ниту е на некој начин натопен во македонско милје, туку е една поширока анализа за идентитетот.
„Не за идентитетот како – јас сум Македонец, туку за идентитетот на секој човек од тоа дали е машко, женско или не е ни машко ни женско, нешто трето, па до други работи. Се обидовме да направиме една претстава која не се бави многу со психологија, повеќе се бави со настани, со динамика, со енергија и со една мала екипа од осум-девет луѓе. Се обидовме сите максимално да го отвориме тоа прашање и да ги најдеме можностите одговори за разни видови на љубов, за видови на комуникација и за разни прашања за идентитетот што многу често, за кои многу често се зборува во Македонија, би рекол, многу често и површно“, рече Унковски на прес-конференцијата пред премиерата.

Григор Јовановски, Камка Тоциновски и Софиа Насевска-Трифуновска во сцена од „Црно злато“. (Фото: К. Галевски)
По премиерата, претставата ќе биде на репертоарот на МНТ и на 1, 4 и 29 декември.

Харфистката од Оркестарот на Националната опера и балет Весна Станоевска со сопругот, актерот Александар Микиќ. (Фото: К. Попов)
Б. НЕСТОРОСКА










