Кинески суд го осуди поранешниот челник на автономниот регион Гуангшји на смртна казна поради корупција, но извршувањето на казната е одложено за период од две години. Лан Тијанли е прогласен за виновен за примање големи мита додека извршувал различни функции во овој јужен кинески регион во периодот помеѓу 2008 и 2025 година, објави во државната телевизија.
Според извештајот, за возврат тој помогнал во обезбедувањето јавни договори и именувањето на високи функционери, при што примил вкупно околу 88,2 милиони долари. Народниот суд во Чангде, во централната провинција Хунан, ја образложи пресудата наведувајќи ги огромните парични износи, како и сериозната штета нанесена на државата и јавноста.
Како и во претходните случаи, извршувањето на смртната казна е одложено за две години. По истекот на тој период, таа може да биде преиначена во доживотен затвор, без можност за понатамошно намалување на казната. На Лан, исто така, му е одземен имотот и му се одземени политичките права.
Кинескиот претседател и лидер на Комунистичката партија, Шји Џинпинг, со години спроведува кампања против корупцијата. Се чини дека оваа кампања повторно добива на интензитет пред партискиот конгрес, кој е закажан за втората половина на 2027 година.
Смртните казни за високи партиски функционери се релативно ретки во Кина и обично се резервирани за особено тешки случаи. Партиските истражители за борба против корупцијата речиси секојдневно најавуваат нови истраги против функционери.
Неодамна, властите објавија истрага против шефот на партијата во Шангај, Чен Џининг, кој е член на моќното Политбиро на Комунистичката партија. Државните медиуми објавија дека тој е осомничен за сериозни прекршувања на партиската дисциплина и законите, но не беа дадени дополнителни детали. Ваквите истраги честопати доведуваат до официјални обвиненија за корупција.



