ПОЧИНА ЛЕГЕНДАРНИОТ СНИМАТЕЛ МИХАЕЛ БАЛХАУС

    ПОЧИНА ЛЕГЕНДАРНИОТ СНИМАТЕЛ МИХАЕЛ БАЛХАУСБалхаус работел со Рајнер Вернер Фасбиндер на шеснаесет и со Мартин Скорсезе на седум филмови, а лани на Берлинале доби почесна Златна мечка за животно дело

    Големиот кинематографер Михаел Балхаус почина вчера по кусо боледување на возраст од 81 година. Балхаус работел со Рајнер Вернер Фасбиндер на шеснаесет филмови и со Мартин Скорсезе на седум. Балхаус беше три пати номиниран за Оскар, за„Вести“ на  Џејмс Л. Брукс (1987), „Прекрасните момци Бејкер“ на Стив Кловс (1999) и „Бандите на Њујорк“  на Скорсезе (2002), за „Добри момци“ ја освои наградата на  филмската критика во Лос Анџелес. Лани  Берлинале му додели почесна Златна мечка за животно дело.

    Еден од најпознатите кадри што ги сработил е комплексно кореографираното кружење околу Маргит Карстенстен и Карлхајнц Бом во Марта (1974) на Фасбиндер. Германскиот режисер Том Тиквер, во разговорот со Балхаус што излезе во книгата „Летечкото око“ во 2002 го праша и за снимањето на овој кадар.

    „Ако погледнете внимателно, ќе видите дека Бом гази врз шините. Но, тоа не беше доволно за Фасбиндер. Тој секогаш сакаше да оди степен погоре, па обајцата актери требаше да кружат еден околу друг уште еднаш. Тоа беше главното, се разбира, да се достигне врвот на ефектот. Сцената така го покажува раскинувањето што и ни беше целта“, рече Балхаус.

    Во изјавата по повод смртта, Мартин Скорсезе рече дека повеќе од 20 години со Михаел Балхаус имал вистински креативно партнерство, како и многу блиско и долготрајно пријателство.

    „Кога се сретнавме, тој веќе влезе во историјата на филмот со Рајнер Вернер Фасбиндер, и јас го обожував. Тој беше прекрасен човек, и секогаш имаше топла насмевка дури и во најтешките ситуации – секој кој го познаваше ќе се сеќава на неговата насмевка. Почнавме да работиме заедно во 1980-тите години, во текот на пад во мојата кариера. Михаел беше тој кој навистина ми го врати чувството на возбуда за снимање филмови. За него, ништо не беше невозможно. Ако го прашав за нешто тешко, тој ќе пристапеше со ентузијазам: тој никогаш не ми кажа дека не може да направи нешто, и сакаше да се соочи со предизвици. Ако доцневме, тој ќе најдеше начин да работиме побрзо. И ако доцневме со планот на снимање и моравме да исфрлуваме кадри, тој спокојно ќе седнеше со мене и заедно ќе најдевме решение: наместо да се фрустрира за она што треба да се исфрли, тој секогаш мислеше за она што го имавме. Навистина, тој ми даде образование, и ми го промени начинот на размислување за тоа што е да се направи филм. Тој беше голем уметник. Тој исто така беше скапоцен и незаменлив пријател, и ова е голема загуба за мене“, вели Скорсезе.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира