Новите шенгенски правила за контрола на патниците предизвикаа проблеми на границите и на аеродромите, особено за време на продолжениот викенд за Велигден. Според новите правила, кои почнаа да се применуваат од 7 април годинава, контрола на патните документи се врши на сите лица без разлика дали се жители на Европската Унија или не се. Контролите се дел од мерките за зголемување на внатрешната безбедност на ЕУ, по серијата терористички напади во Франција и во Брисел.
Граничната полиција со помош на посебни читачи ги проверува патните документи во шенгенскиот информациски систем, во базата на Интерпол за украдени и за изгубени патни исправи и во националната база за украдени, незаконски присвоени, изгубени и за поништени патни исправи. Ваквиот начин на проверка веќе создава нервоза кај патниците, но и кај вработените на граничните премини и на аеродромите.
Словенечките сообраќајни сервиси вчера јавија дека на граничните премини со Хрватска колоната е долга дури 10 километри и оти за влез во Хрватска се чека и по четири часа. Денеска, колоните на границите се помали, но се чека и до час и половина за премин од Словенија во Хрватска.
На македонско-грчката граница, според информациите на АМСМ, сообраќајот се одвива непречено и без поголеми задржувања. Ова се должи на одлуката на грчката полиција да ги суспендира засилените контроли на своите гранични премини и на аеродромите, откако новите мерки предизвикаа хаос на границите и одложување на летови на аеродромите. Една од причините за ваквата одлука е и тоа што голем дел од грчките граѓани имаат застарени патни и лични документи, кои не можат да се прочитаат на новите читачи.
Официјална Атина испрати писмо до Европската комисија, Фронтекс и до земјите членки на ЕУ во кое се наведува дека новите контролни мерки на границите ќе ги суспендира на шест месеци и тоа на сите премини, освен на грчко-турската граница, која исламистите ја користат за влез во ЕУ.
По Грција, ист чекор презедоа и Финска, Италија, Унгарија и Бугарија.
Сепак, ова се само дел од мерките за заштита на ЕУ од екстремисти. Европската комисијата минатата година најави дека сите граѓани на земјите кои не се членки на ЕУ и на кои не им е потребна виза за шенгенскиот регион, ќе мора на Интернет да пополнат едноставен образец, да платат пет евра и на тој начин да добијат посебно одобрување за влез во ЕУ. Доколку не пополнат и не добијат одобрување на образецот, патниците нема да можат да влезат во ЕУ. Сепак, тоа би можело да претставува проблем и за тие што немаат пристап до Интернет и не можат на тој начин да се регистрираат. Едно од предложените решенија на овој проблем е поставување на посебни трафики за регистрација на граничните премини. На тој начин би можело да се реши потенцијалниот метеж на премините.
Сепак, оваа мерка е во рана фаза на расправа, но би требало да биде донесена до крајот на годинава, а според најавите да почне да се применува од 2020 година.