На 6 април, компанијата на Иванка Трамп доби одобрување од кинеските власти за три нови брендови, овозможувајќи ѝ монопол за продажба на накит, чанти и третмани за убави со брендот „Иванка“ во втората најголема економија во светот. Таа вечер, ќерката на американскиот претседател Доналд Трамп и нејзиниот сопруг Џаред Кушнер, седеа до кинескиот претседател Ши Џинпинг и неговата сопруга на вечерата во Мар-а-Лаго.
Сценариото покажува колку е тешко за Иванка, која се обиде да се дистанцира од брендот што го носи нејзиното име, да ги оддели бизнисот и политиката додека е на позиција во Белата куќа.
Првата ќерка гради политичка кариера од нејзината канцеларија во Западното крило на Белата куќа, а нејзиниот бренд цути, наспроти бојкотот од неколку стоковни куќи.
Компанијата, која сè уште е во сопственост на Иванка, вели дека продажбата расте и го зголемува глобалното присуство. Покрај Кина, компанијата „Иванка Трамп Маркс“ аплицираше за заштита на брендот во Филипини, Порторико, Канада и САД по изборите во ноември.