БРЗО ЌЕ БИДЕ ИЗБРАН СОБРАНИСКИ СПИКЕР, ПОРАЧА ЗАЕВ ПО СРЕДБАТА СО БИЛТ

    БРЗО ЌЕ БИДЕ ИЗБРАН СОБРАНИСКИ СПИКЕР, ПОРАЧА ЗАЕВ ПО СРЕДБАТА СО БИЛТЗаев го информирал Билт дека на парламентарното мнозинство од 67 пратеници наскоро би требало да се приклучат уште двајца пратеници. - Од средбата во седиштетото на партијата (Фото: СДСМ)

    Лидерот на СДСМ Зоран Заев кажа дека парламентарното мнозинство ја презело обврската да го деблокира Собранието и најави дека брзо ќе биде избран новиот претседател на парламентот по денешната средба со Карл Билт, копретседавачот на Европскиот совет за надворешни односи и поранешен шведски премиер. Заев вели и дека по изборот на нов собраниски спикер, ќе биде избрана и новата влада и тоа ќе биде направено согласно Деловникот, Уставот и законите.

    „Парламентарното мнозинство ја презема обврската да го деблокира демократскиот процес во Парламентот согласно Деловникот, Уставот и законите. Ќе биде брзо избран новиот претседател на Собранието, а потоа и новата реформска Влада. Тоа е одлука на мнозинството граѓани, изразена на кредибилни избори и сите институции во државата се должни да обезбедат мирен трансфер на власта“, вели Заев во партиското соопштение.

    Заев вели и дека на формираното парламентарното мнозинство од 67 пратеници наскоро би требало да се приклучат уште двајца пратеници. Тој истакнал дека Никола Груевски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ немаат право, поради страв од соочување со правдата, да ги загрозуваат егзистенцијата на граѓаните и стабилноста на државата.

    На средбата се разговарало и за притисоците што ги прави власта во заминување врз невладните организации, за опасноста од блокада на целиот систем на државата ако не се избере нов собраниски претседател, кој треба да ги закаже локалните избори, како и за последиците што ги трпат граѓаните и фирмите на економски план.

    На крајот на средбата, како што велат од СДСМ, заклучено е дека потребно е што побргу да се реализираат неопходните реформи, особено во делот на обезбедувањето независно судство и независни институции во интерес на граѓаните.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира