Поранешниот шведски премиер Карл Билт и неговите соработници од тинк-тенкот Европски совет за надворешни работи (ЕЦФР) синоќа си заминаа од Скопје по средбите со лидерите на поголемите политички партии, по кои, како што најави тој, ќе се обидат да предложат препораки за излез од кризата во која се најде земјата по изборите на 11 декември. Посетата на Билт, кој е копретседавач на ЕЦФР, доаѓа по бројните посети на европски функционери на разни нивоа, кои не успеаја да издејствуваат надминување на кризата.
Прв, на 9 февруари, дојде врокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан, кој по средбите со лидерите кажа дека очекува претседателот Ѓорге Иванов да му го даде мандатот на лидерот на СДСМ Зоран Заев. На 23 февруари дојде британскиот министер за Европа и Америка Ален Данкан, кој му порача на Иванов дека 67 пратеници од 120 е јасно мнозинство. На 2 март дојде Висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Федерика Могерини, која предупреди институционалната криза да не премине во меѓуетничка.
На 22 март повторно дојде Хан, овојпат придружуван од тројца европарламентарци и повторно побара да се почитува парламентарното мнозинство. Последен, на 3 април во Скопје дојде претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, кој порача дека Решението треба да го најдеме сами и тоа треба да биде базирано на демократските принципи, пристојноста и на здравиот рaзум.
Вчера, Билт ја заврши посетата на земјава со средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, а претходно се сретна со лидерите на Беса, ДУИ и СДСМ. Во текот на вчерашниот ден, тој само кусо искоментира на Твитер дека Македонија може да оди напред само со почитување на три работи – „Демократија, Устав. Европа“.
Од САД, експертот од Европскиот институт во Вашингтон Гарет Мартин вчера најави дека трпението на Европската унија истекува и можен следен чекор за решавање на политичката криза во Македонија се санкции кон поединци од власта. Исто така, тој вели дека договор за имунитет меѓу лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе може да обезбеди мирен трансфер на власта, иако на кус рок тоа не би било популарна мерка.