РАСТЕ СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО ВО ПРИЛЕП, ЖРТВИ СЕ ЖЕНИТЕ

    РАСТЕ СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО ВО ПРИЛЕП, ЖРТВИ СЕ ЖЕНИТЕЗависноста од алкохол и дрога е најчеста причина за семејно насилство во Прилеп (Фото: СДК.МК)

    Рапидно расте бројот на случаи со семејно насилство, на кои им се пружа помош во Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Прилеп. Шелтер центар нема, зашто според социјалните работници жртвите во акутни состојби се сместуваат кај најблиските, а потоа во блиските центри.

    А, статистичките податоци од центарот покажуваат дека само минатата година се евидентирани 119 случаи. Од нив 70 до 80 отсто завршиле со физичко насилство. Речиси во 99 отсто случаи жртви се жени, иако во последниот период жртви на семејно насилство се и други членови на семејството, особено кога насилникот е под дејство на алкохол или дроги.

    „Ако во 2014 новопримени се 50 предмети, следната 2015 година веќе бројот на пријави расте на 142, а во минатата година се евидентирани 119 случаи. Ова се загрижувачки податоци. Добро е што се пријавува семејното насилство, но сепак треба превентивно да се дејствува, значи да се работи на откривање и намалување на причините што доведуваат до тоа“, вели Снежана Јованоска, директор на Меѓупштинскиот центар за социјална работа во Прилеп.

    Тимот од социјален работник, педадог и психолог постапува во случаи кога жртвата сака да поднесе изјава и доколку е подготвена да се изречат мерки за помош и заштита. Многу ретко насилникот се иселува од семејството, но таму каде што семејството насилство е практика со години тешко се надминува проблемот, според оценките на социјалните работници.

    Но, според медицинските случаи најчеста причина за семејно насилство е алкохолизмот, затоа сите ресурси на општеството треба да бидат насочени кон превенирање на оваа болест.

    „Во 95 отсто случаи семејното насилство е направено под дејство на алкохол, а во последно време и под дејство на дроги. Што значи не се работи само за семејно насилство како феномен, туку за едно алкохолно заболување, за последиците од прекумерното пиење алкохол. Вистина е дека жените се секогаш жртви на физичко малтретирање, меѓутоа има еден страшен феномен на психилошка нетолеранција кон партнерот, тоа пак продуцира агресивно однесување што е заразно како и секоја друга заразна болест, па секое повишување на тонот или неприлагодено однесување доведува до агресивно однесување, особено на единките кои се посилни“, вели д-р Јован Велески, клинички психолог во прилепската болница, и терапевт на Клубот на лекувани алкохоличари.

    „Кога е во прашање семејството насилство, сметам дека треба да се превенира алкохолизмот. А, многу ретки се судските одлуки за третман на лицата кои под дејство на алкохол извршиле семејно насилство. Главно тоа се бегли решенија. Така што, нивните сопруги дури по години ги носат своите мажи, доколку немаат отпор да посетуваат вакви третмани. Ако се измени Законот за употреба на алкохол и проблемот со семејно насилство како социо-патолошки феномен ќе биде намален“, вели д-р Велески.

    М. ТАЛЕСКА 

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира