МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА НЕМА ПАРИ ЗА ФОТОМОНОГРАФИЈАТА ЗА ЧЕНТО 

    МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА НЕМА ПАРИ ЗА ФОТОМОНОГРАФИЈАТА ЗА ЧЕНТО Годинава се одбележуваат 60 години од смртта и 115 години од раѓањето на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ Методија Андонов - Ченто, но прилепскиот Завод и Музеј добил пари само за изложбата, а не и за фотомонографијата (Фотографии од поставката)

    Министерството за култура нема пари за да го финансира целосно проектот на прилепскиот Завод и Музеј посветен на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов – Ченто. Иако, според авторот на проектот, историчарот кустос советник Рубин Белчески проектот е подготвуван посветено 3 години во чест на годинешните два значајни јубилеја, 60 години од смртта (24 јули) и 115 години од раѓањето (17 август) на Ченто.

    Фотомографијата ‘Ченто – биографија низ фотографија’ содржи 250 фотографии, но и фотографии од „животот“ на Ченто по неговата смрт (Фотографија од поставката)

    „Министерството го финансираше овој проект делумно. Меѓутоа, овој проект мене ми е замислен како изложба и публикација. Бидејќи има пари за изложбата, ќе биде реализирана, се надевам, на денот на неговата смрт 24 јули, додека за една публикација треба поголеми средства. И затоа сакам да повикам на општествена одговорност кај сите, на патриотизам условно кажано кај сите, за негување на традициите од НОБ, чување на ликот и делото на Ченто“, вели Белчески.

    Тој ги повикува сите државни институции, локални самоуправи, јавни и приватни фирми за да го поддржат печатењето на фотомонографијата, зашто вели таа е навистина извонредно илустрирано четиво кое што ќе му понуди бројни факти и фотографии за животот и значајното историско дело на Ченто и на најмладиот и на највозрасниот читател.

    Историчарот Рубин Белчески е автор на монографијата (Фото: СДК.МК)

    „Фотомографијата ‘Ченто – биографија низ фотографија’ содржи 250 фотографии, но и фотографии  од ‘животот’ на Ченто по неговата смрт. Значи, сите фотографии на уметнички дела, монети, поштенски марки, публикации, сѐ што е поврзано со животниот пат на големиот патриот, револуционер, деец, политичар, страдалник по затворите во Скопје, по затворите и во логорите во Југославија и Бугарија, било во време кога Македонија се наоѓала под српски режим, било во време на фашистичката окупација“, вели Белчески.

    Неизвесно е дали фотомонографијата ќе биде публикувана до 17 август, кога ќе се одбележи јубилејот 115 години од раѓањето на Ченто.

    М. ТАЛЕСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира