Македоја е најлошо рангирана балканска земја според Индексот за слобода на медиумите во светот за 2017 на Репортери без граници, што организацијата го објави денеска. Македонија е на 111 место, а во извештајот за земјата насловен Балканското лошо момче се вели: „Слободата на медиумите е намалена во целиот регион, но ерозијата на владеењето на правото е највидлива во Македонија, земја кандидат за членство во ЕУ“.
Репортери без граници со седиште во Париз е една од најугледните организации во светот која се бори за слобода на информирањето, а во извештајот за Македонија е нотирано и дека: „Клеветата беше отстранета од Кривичниот закон во 2012 година, но обвиненијата се заменети со граѓански парници, со можност за високи парични и затворски казни за новинарите и сопствениците на медиумите. Имаше многу извештаи за закани, насилство, малтретирање и заплашување на новинарите за време на политичките демонстрации во 2016 година, но малкумина од оние кои се одговорни се казнети. Политичката нестабилност влијае врз работата на новинарите, а притисокот од владејачката партија доведе и до самоцензура во некои медиуми“.
Освен Македонија, од Балканот најлошо се рангирани Бугарија на 109 и Црна Гора на 106 место.
Прва според индексот на слобода на медиумите е Норвешка која ја симна Финска, а последна Северна Кореја која ја симна Еритреја.
Индекс на слободата на медиумите во светот за 2017 изготвен од Репортери без граници одразува свет во кој нападите врз медиумите станаа вообичаени, а моќниците се во успон, се вели во извештајот. „Ја достигнавме добата на пост-вистина, пропаганда и потиснување на слободите – особено во демократските земји“, вели извештајот.Во новиот свет на медиумска контрола, дури и нордиските земји кои се во врвот паѓаат надолу на индексот. По шест години на врвот, Финска падна на 3-то место, што се должи на политички притисоци и судир на интереси. На првото место е Норвешка, која досега беше втора, која не е членка на Европската унија.
„Ова е удар за европскиот модел. Шведска се искачи за 6 места и е втора. Новинарите и натаму добиваат закани во Шведска, но власта испрати позитивен сигнал во изминатата година со покренување обвиненија за заканувачите. Соработката меѓу полицијата и одредени медиуми и синдикатите на новинарите, исто така, е чекор напред во борбата против заканите“, се вели во извештајот на Репортери без граници.