Германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел вели дека не е прифатливо ВМРО-ДПМНЕ да одбива да се формира влада по демократските избори и нејзини приврзаници да упаѓаат во Собранието и да удираат пратеници. Тој кажа дека тоа мора веднаш да се смени во изјавата дадена за време на неформалниот министерски состанок на шефови на дипломатиите на ЕУ и земји кандидати.
„Доживеавме сега, во Македонија, кандидат за прием во ЕУ, да се упадне во Собранието, да бидат удирани пратеници и таму да владее атмосфера, која воопшто не е споива со она што ние го очекуваме во Европа. Таму треба сега конечно да се формира влада, бидејќи имаше демократски избори. Тоа што досегашната владејачка партија го одбива тоа, што нејзини приврзаници упаѓаат во Собранието, удираат пратеници воопшто не е прифатливо. Ова мора веднаш да се смени и мора да биде јасен сигнал од овде, од Малта, се наведува во пишаната изјава од министерот Габриел, кој присуствува на неформалниот министерски состанок на шефови на дипломатиите на ЕУ и земји кандидати.