Претседателот на Собранието Талат Џафери го пречека американскиот амбасадор Џес Бејли на денешната средба во неговиот кабинет со три македонски знамиња, само пет дена по инцидентот со албанското знаме на неговиот прв работен ден во парламентот.
Само што влезе во претседателскиот кабинет во Собранието на 3 мај, Џафери стави две албански знамиња во кабинетот, по што неколкумина од амбасадорите го контактирале лидерот на ДУИ Али Ахмети и му кажале дека неговиот сопартиец направил непотребна провокација со македонските медиуми на албански јазик.
Ахмети им одговорил дека ставањето албански знамиња во кабинетите на функционерите од неговата партија било вообичаена пракса, па би било хипокризија ако Џафери се слика без знамето, а подоцна да го стави.
Веќе утредента, Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Федерика Могерина го опоменала Талат Џафери дека како претседател на Собранието е претставник и на Македонците на нивната денешна средба во Брисел. Могерини го поздравила неговиот избор од мнозинството во парламентот, но му нагласила дека неговата улога треба да биде над партиската и меѓуетничката политика и тој треба да работи за доброто на сите граѓани и заедници, соопшти кабинетот на потпретседателката на Европската комисија.