Одлуката за избор на Талат Џафери за претседател на Собранието излезе утринава во „Службен весник“. Во Одлуката пишува дека стапува во сила на денот на донесувањето, а тоа е 2 мај, па има дилеми дали од тој датум тече рокот од десет дена за претседателот Ѓорге Иванов да го даде мандатот за состав на влада на парламентарното мнозинство или почнува да тече од денеска, по објавувањето во „Службен весник“.
Талат Џафери беше избран за претседател на Собрание на 27 април, по што се случи нападот во Собранието. На Одлуката е потпишан пратеникот Горан Мисовски, заменик на претседавачот Ферид Мухиќ.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој го бара мандатот за нова влада од Иванов, се понуди да го посети Иванов сам, а ако треба и со лидерите на ДУИ, Беса, Алијанса за Албанците и ДПА, со кои го формираше новото парламентарно мнозинство, за да го убедат уште еднаш дека гарантираат унитарност и соживот во Македонија.
„Добив согласност и од лидерите на ДУИ Али Ахмети и на Алијанса за Албанците Зијадин Села, а ќе се видам и со Билал Касами, и целта е ние лидерите на партиите зад кои стојат 67 потписи да изразиме подготвеност да го посетиме Иванов во неговиот кабинет. Целта ни е да му потврдам и да му го гарантирам од мое и од името на сите наши коалициони партнери, сето она што наводно беше негова загриженост, а тоа е унитарноста на државата, почитувањето на Уставот, нашето мултиетничко општество, реформите и економските перспективи и сето она што беше можна дилема или изговор. Сите се за план со кој ќе му помогнеме на Иванов да има причини за да се даде мандатот. Се надевам дека оваа средба ќе биде во почетокот на идната седмица“, изјави Заев минатиот четврток.