Синот на неодамна починатиот академик сликар Глигор Чемерски, Огнен Чемерски, вчера протестираше поради одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за аболиција и амнестија на политичарите осомничени за криминал од прислушуваните разговори, а со објава на Фејсбук му порача на Иванов да не влегува во претседателската сала каде е мозикот што го создаде татко му.
„Одам на пρотест. А по повод телегρамата од Иванов за смρтта на татκо ми, му одговаρам да не влегува во пρетседателсκата сала со мозаиκот и да не им излегува пρед очи на тие лиκови и глетκи зашто исплуκа сѐ што тие пρетставуваат. Иванов, неκа те снема и името да ти штами за веκи веκов!“, напиша Чемерски на својот Фејсбук профил. На протестот тој најави и дека на Иванов за ова ќе му се обрати и со официјално писмо, заведено во архива.
Грандиозниот мозаичен диптих „Македонија – светла земја“ и „Македонија памети“ беше промовиран во јули 2009 година и ги краси двата спротивни ѕида на свечената сала во резиденцијата на Претседателот.
„Македонија – светла земја“ е со големина од 7,5 на четири метри, а „Македонија памети“ е со нешто помали димензии. На промоцијата, самиот Чемерски нарекувајќи ги мозаиците две големи камени слики, велеше оти е тешко да се објасни што неговите око, рака и срце создале на тема Македонија, во 10 породилни фази. Но, велеше кога ќе се исправи каменета слика вертикално, изгледа како самата да се создала.
Академик Митко Маџунков, зборувајќи за првиот мозаик, го опишува како монументално дело со три сонца, со сини езера и ултрамариско море, со смарагдно татковинско лозје, овоштарници, јаболкници, трендафили, со зурли и тапани, со амфитеатри и маски, со свирач седнат под кулите во градот за кој само тој знае дека е Охрид.
За помалиот вели: „Она што го гледаме овде е култура. Културата е она преку што памтиме, но и она што го овозможува патењето“, па продолжува дека тука се Големата мајка, Златната античка маска во вертикала со Кирил и Методиј и Климент и Наум, глаголското и кирилското писмо, Играчот од Стоби, сончевата загатка на Кокино, и се разбира, златното сонце. „Три сонца греат над Македонија“, вели Маџунков, „како во народната песна, а во средиштето на сите три е човекот.“