АНТИЧКИ ВОЈНИЦИ, КОМИТИ И ПАРТИЗАНИ ОД ПОНЕДЕЛНИК ПАК ЌЕ ГО ЧУВААТ „СКОПЈЕ 2014“, ГОДИНАВА ЗА 8.000 ЕВРА

    АНТИЧКИ ВОЈНИЦИ, КОМИТИ И ПАРТИЗАНИ ОД ПОНЕДЕЛНИК ПАК ЌЕ ГО ЧУВААТ „СКОПЈЕ 2014“, ГОДИНАВА ЗА 8.000 ЕВРАТуристичката стража годинава ќе има двојно помалку членови во однос на лани, 12 се вкупно, а буџетот е за пола помал од лани; - од промоцијата на стражата во 2015 (Фото: МИА)

    Туристичката стража не е меѓу проектите кои ќе бидат стопирани поради истечените градоначалнички мандати. Од понеделник, покрај спомениците од проектот „Скопје 2014“ се враќаат антички војници, партизани и комити. Ружа Ѓорѓеска, директорка на Детски културен центар Карпош, организатор на туристичката стража, вели дека годинава има неколку измени во проектот.

    „Туристичката стража годинава ќе има двојно помалку членови во однос на лани, 12 се вкупно, а меѓу нив има средношколци и студенти. Дел од нив веќе биле дел од стражата и се јавиле и на годинашниот оглас, а за оние кои се нови предвидена е обука. Тие треба да ги знаат сите периоди од македонската историја претставени низ спомениците. Имаме и некои измени во гардеробата, посебно во фустаните на девојките кои го претставуваат античкиот период. Тие се различни од лани, со нови украси работени по записите од тоа време“, вели директорката Ѓорѓеска.

    Освен бројот на учесници во стражата, преполовен е и годинашниот буџет за оваа намена.

    „Имаме околу 500.000 денари со кои треба да се покријат трошоците за сите четири месеци. И тој е на пола од ланскиот. Тука влегуваат трошоците за обновата на облеката како и за надоместокот што го примаат стражарите како и едно лице кое им врши контрола“, вели Ѓорѓеска.

    Оваа година скратено ќе биде и работното време на стражарите. Тие ќе имаат обврска да им стојат на располагање на туристите во период од 10 до 14 часот. Навечер нема да се појавуваат бидејќи искуството покажало дека нема интерес за Туристичката стража.

    Овој проект не е засегант од истечениот мандат на скопскиот градоначалник Коце Трајановски кој го обезбедува буџетот, оти сите обврски околу него се веќе завршени.

    Проектот „Туристичка стража“ за промоција на спомениците на градските плоштади беше промовиран во 2012 година и од тогаш секое лето дваесетина млади луѓе и на најголемите горештини шетаа облечени како комити, партизани и антички војници и на туристите им ја претставуваа македонската историја.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира