Специјалното јавно обвинителство денеска отвори нов случај „Траекторија“ против четири службени лица, високи владини функционери, кои во втората половина од 2012 и во текот на 2о13 година во постапка за изградба на автопатите Скопје-Штип и Кичево-Охрид ги искористиле и пречекориле овластувањата, соопшти СЈО.
Обвинителката Фатиме Фета кажа дека постои основано сомнение дека е ошететен буџетот за 155.117.172 евра и за истиот износ на изведувачот му овозможиле на противправна имотна корист.
„Четирите лица во постапката ја одбегнале примената на Законот за јавни набавки и постапиле спротивно на условите на кинеската влада и кинеската банка Ексим како заемодавач“, рече Фетаи.
Истрагата за кинеските автопати произлегува од 14. бомба на тогашната опозиција, во која беше објавен прислушуван разговор меѓу поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот премиер Никола Груевски.
Во разговорот додека трае тендерскиот процес за автопатите, Груевски го прашува Јанакиески „За ова ти колку предлагаш?“, на што Јанакиески одговара: „5%“. Јанакиески потоа дообјаснува дека во точен износ тоа „би се движело меѓу 15 и 18“. Груевски на крај го прашува: „Да не е многу бе, а? Да не се претера, претера новинарството?“.
Во друг разговор од истата бомба, поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески ѝ вели на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска: „Да ти кажам ноќеска каква порака добив, ми се смачи што ми идеше да му грабнам телефон да му ја скршам главата“ и потоа додава: „Нè тера да напраиме незаконско нешто. Не ја, Миле и Владо треба да потпишат со тие Кинезите и нејќат луѓето да потпишат. И во право се што нејќат“.
Автопатите Скопје-Штип и Кичево-Охрид ги гради кинеската компанија „Синохидро“ со кредит од кинеската банка „Ексим“ од 580 милиони евра.
Во октомври 2013 година, Собранието го одобри кредитот, а во ноември беше потпишан договорот меѓу Владата и кинеската компанија. Двата автопати почнаа да се градат во февруари 2014 година. Автопатот Скопје-Штип требаше да биде готов до 1 мај годинава, а Кичево-Охрид до 29 јануари следната година.