Специјалното јавно обвинителство не побара притвор за ниту еден од осомничените во трите случаи што ги објави денеска – „Талир“, „Траекторија“ и „Тревник“. Специјалната обвинителка Ленче Ристоска кажа дека нивната проценка е дека засега нема опасност од бегство на осомничените, но рече дека ако забележат дека се врши влијание врз сведоците, ќе побараат притвор.
Таа потсети дека претходно имало обиди за влијание врз сведоци и тоа било објавено во медиумите. На 9 февруари, СЈО предупреди дека секое влијание врз сведоци е кривично дело, по повод протестот што ВМРО-ДПМНЕ го организираше пред полициската станица во Охрид, додека таму обвинителите и истражителите на Катица Јанева вршеа распит на сведоци во врска со финансирање на партијата.
Првоосомничен во случаите „Талир“ и „Траекторија“ е претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.