НА 27 АПРИЛ БЕШЕ ИЗВРШЕН АТЕНТАТ ВРЗ БАРАЊАТА НА АЛБАНЦИТЕ, НЕ ЛИЧНО ВРЗ МЕНЕ, ВЕЛИ СЕЛА

    НА 27 АПРИЛ БЕШЕ ИЗВРШЕН АТЕНТАТ ВРЗ БАРАЊАТА НА АЛБАНЦИТЕ, НЕ ЛИЧНО ВРЗ МЕНЕ, ВЕЛИ СЕЛАЗијадин Села денеска ја имаше првата прес-конференција по нападот во Собранието на 27 април, кога беше претепан и заврши во болница со сериозни повреди. (Фото: СДК.МК)

    Претседателот на ДР-ДПА Зијадин Села кажа дека на 27 април во Собранието не бил извршен атентат врз него лично, туку врз политичките барања на Албанците во Македонија. Пратеникот Села денеска ја имаше првата прес-конференција по неговото претепување за време на организираниот напад во Собранието на 27 април.

    „Потребите на Албанците во Македонија ние ги преточивме во политички барања и на 27 април се изврши атентат врз политичките барања на Албанците, не лично врз мене. На 27 април, со тој атентат успеаја донекаде да нè убијат, но ние се реинкарниравме и се вративме на политичката сцена во Македонија“, изјави Села.

    На новинарско прашање дали неговата партија ќе влезе во владата на мандатарот Зоран Заев, Села не даде конкретен одговор.
    „Ние уште од почетокот бевме за ново владеење, не само за нова влада, владеење во интерес на граѓаните, праведно владеење кое нема да ги дели граѓаните на етничка база и владеење кое ќе ја врати надежта во Македонија. Без разлика дали физички ќе присуствуваме во владата, ние ќе бидеме гаранција дека интересите на Албанците во таа влада ќе бидат предвидени и дека ќе се реализираат истите“, кажа тој.

    Попладнево, Села ќе се сретне со лидерот на СДСМ Зоран Заев.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира