Влезот на пленарната сала „Македонија“ во Собранието за првпат од осамостојувањето на државата е блокиран со детектор за метални предмети и оружје. Од овој влез влегуваат само пратеници и членови на собраниското обезбедување.
САКАМДАКАЖАМ.МК во Собранието праша за кого е поставен овој скенер, кога таму поминуваат само пратеници, а не и членовите на обезбедувањето на спикерот и на премиерот и министрите во владата.
„Да, токму така, забелешката ви е на место. На 27 април се покажа дека пратениците се најголемата опасност по безбедноста на Собранието и затоа е поставен овој детектор за оружје“, ни одговорија вработени во собраниското обезбедување.
Иако не ни беше дозволено да го снимиме главниот влез од предната страна на парламентот, од кај што упадна толпата и насилниците кои ги тепаа пратениците и повредија граѓани, новинари и полицајци вечерта на 27 април, сепак ни беше кажано дека на главниот влез е зајакнато обезбедувањето. Според снимките од безбедносните камери и според аматерските видеа од нападот на 27 април, постојат сомнежи дека за време на насилствата повеќемина насилници упаднаа во зградата со пиштоли на појасот и со друго оружје и опасни средства.
С.К. ДЕЛЕВСКА