Потпретседателката на СДСМ и новата министерка за одбрана Радмила Шеќеринска го сликаше со својот мобилен телефон лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешниот долгогодишен премиер Никола Груевски додека зборуваше на собраниската говорница.
Никола Груевски се јави за збор околу 23.30 часот, половина час пред Собранието да гласа за избор на новата влада предводена од лидерот на СДСМ Зоран Заев. Тој во говорот ги нареди сите успеси на неговото владеење и побара предвремени парламентарни избори. Лидерот на опозицијата му честиташе на Заев што потпишал дека нема да ја поддржи Тиранската платформа, но им честиташе и на демонстрантите од „За Заедничка Македонија“ и на претседателот Ѓорге Иванов и на неговата пратеничка група. Не ги спомена крвавите настани и организираниот напад на Собранието на 27 април кој го помогнаа неколку пратеници на ВМРО-ДПМНЕ.
Со 62 гласа „За, 5 „Воздржани“ и 44 „Против“ ноќта помеѓу 31 мај и 1 јуни во Собранието на Македонија беше изгласана новата влада, предводена од лидерот на СДСМ Зоран Заев, пет и пол месеци по предвремените парламентарни избори што се одржаа на 11 декември. Со тоа заврши и доминацијата на Груевски кој владееше со Македонија од 2006 година.
Новата влада ја сочинуваат министри од коалицијата предвидена од СДСМ, ДУИ на Али Ахмети и од Алијансата на Албанците на Зијадин Села.