Јапонскиот производител на коли „Тојота“ работи на производство на „летачка кола“.
До сега една мала стартап дизајнерска компанија има развиено тест модел за кој „Тојота“ се надева дека ќе може да прерасне во мало автомобилче со кое возачот би го запалил олимпискиот оган на отварањето на Олимписките игри што ќе се одржат во Токио во 2020 година. Засега моделот наречен „Скајдрајв“ е само алуминиумска конструкција со осум пропелери која одвај се дига над земјата и паѓа за неколку секунди, но „Тојота“ веќе инвестираше околу 386.000 долари само за почетната идеја на младите истражувачи што измислуваат разни електронски играчки.
Целта на оваа играчка е да обезбеди неосетен премин од возење кон летање, нешто слично како во филмот „Враќање во иднината“, изјави за АП водачот на проектот Цубаса Накамура.
„Секогаш сум сакал и авиони и коли. И отсекогаш мојот сон бил да си имам своја кола со која што ќе можам да летам насекаде“, вели тој.
Групата иноватори сега работи на подобрување на дизајнот со пари од „Тојота“ и планира во 2019 година колата да ја вози човек. До сега никој сè уште не се осмелил да се качи на „Скајдрајв“ оти возењето со летањето засега е многу опасно.
Развој на бизнис што е многу повеќе од обично производство на автомобили станува заштитен знак на „Тојота“. Јапонската компанија веќе има инвестирано милјарди долари во развој на роботика и вештачка интелигенција.
Прадедото на претседателот на „Тојота“ Акио Тојода, Сакичи Тојода во 1890 година основал компанијата која на почетокот била само за развој на иновации, која дури потоа прераснала во фабрика за автомобили. „Тојота“ однеодамна е фокусирана на развој на софтвери за автоиндустријата.