Премиерот Зоран Заев вели дека од оградата на владата, која неговиот претходник Никола Груевски ја плати 700 илјади евра, може да се направат клупи за седење и настрешници. Заев зборуваше за најавата за уривање на оградата пред почетокот на конференцијата „Жени во енергетика“ што денеска се одржува во Скопје.
„Одлуките за оградата на Владата и за мебелот ќе ги носиме соодветно на нашите согледувања. Мораме да видиме што значи согласно Законот за јавни набавки отстранување на порти или огради. Бетонските столбчиња може да се направат убави клупи за седење, а металните огради да бидат добар покривач на клупите, но да видиме што ќе кажат архитектите и инженерите“, изјави Заев.