РЕФОРМИ ВО УБК, ПРВА ОД ПЕТТЕ ЗАДАЧИ НА ПРИБЕ ЗА НОВАТА ВЛАДА

    РЕФОРМИ ВО УБК, ПРВА ОД ПЕТТЕ ЗАДАЧИ НА ПРИБЕ ЗА НОВАТА ВЛАДАИтните реформски приоритети станаа и услов за препораката за почнување преговори за членство во Европската унија. - Распоредот за групната фотографија од новата влада во Собранието; Рајнхард Прибе

    Две години по објавувањето на извештајот на Рајнхард Прибе, германскиот експерт на крајот од месецов повторно ќе дојде во Македонија со својата експертска група да ѝ помогне на новата влада да ги имплементира Итните реформски приоритети кои што произлегоа од неговиот извештај.

    Реформите во петте клучни области според препораките на Прибе – следење на комуникациите, судството и обвинителството, надворешниот надзор од независни тела, изборите и медиумите изостанаа и тоа беше забележано во последните два извештаи на Европската комисија за напредокот на Македонија.

    Итните реформски приоритети станаа и услов за препораката за почнување преговори за членство во Европската унија.
    „Властите не успеаја да покажат неопходна политичка волја за да се справат со прашањата што беа дефинирани во Итните реформски приоритети“, беше забележано во извештајот на Европската комисија за 2016 година, а во извештајот од претходната година: „Европската комисија е подготвена да ја продолжи својата препорака за отворање преговори за членство со Поранешната Југословенска Република Македонија. Тоа, сепак, е условено со континуирана примена на политичкиот договор од јуни и јули и значаен напредок во примената на Итните реформски приоритети. Ова прашање ќе биде отворено повторно по изборите”.

    Групата експерти, предводена од Германецот Рајнхард Прибе, беше ангажирана од Европската комисија по објавувањето на „бомбите“ на опозицијата да изработи анализа на ситуацијата и да даде препораки. Извештајот беше објавен на 8 јуни 2015 година, а претходно групата имаше три посети на Македонија во април и мај.

    ШТО ТРЕБА ДА СЕ СРАБОТИ СПОРЕД ПРЕПОРАКИТЕ ОД ПРИБЕ

    1. СЛЕДЕЊЕ НА КОМУНИКАЦИИТЕ
    – На Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) треба да ѝ се одземе посредничката улога, со цел да нема нејзино мешање во независноста на другите надлежни органи кога се работи за следење на комуникациите (полиција, Царинска управа и финансиска полиција).
    – УБК не треба да има директен пристап до техничката опрема која дозволува отсликување на комуникацискиот сигнал.
    – Во врска со содржината на прислушувањето, истрагите за кривични дела треба да бидат сериозно разгледани, без двоумење и страв, на неселективен начин, при што приоритет треба да бидат оние со најсериозни злоупотреби.
    – Парламентарните комисии за безбедност и контраразузнавање и за надзор на мерките за следење треба да се состанат веднаш и да се среќаваат редовно (со учество на сите партии избрани во Парламентот), со цел да се обезбеди парламентарна одговорност.

    2. СУДСТВО И ОБВИНИТЕЛСТВО
    – Судската и јавнообвинителската служба треба да бидат способни да постапуваат на независен и непристрасен начин (на тој начин да се избегне оставање впечаток, оправдан или не, за постапување со случаите на селективен и небалансиран начин).
    – Во судската постапка не смее да постои нешто како “политички случај”. Со сите случаи кои се во судска постапка мора да се постапи на ист начин ефикасно, независно и непристрасно.
    – Вработувањето во судската служба треба да биде единствено согласно правилата за заслуги.
    – Академијата за судии и обвинители има централна улога при обезбедувањето сигурност дека судиите и обвинителите што се избираат да учат на Академијата се одбрани единствено согласно системот на заслуги.
    – Кривичното гонење на разни можни криминални активности поврзани со следењето на комуникациите, за двете, и за нивното создавање и за нивното објавување, како и за криминалните активности кои се осознаа од содржината на самите разговори, мора да биде спроведена проактивно каде што е потребна иницијатива на самите служби за кривично гонење, доставувајќи ги на располагање сите можни средства за ефикасна истрага.
    – Назначувањата и унапредувањата треба да бидат направени од Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, според транспарентни, објективни и критериуми строго засновани на заслуги.
    – Треба да има практична и ефективна примена на забраната за употреба на притворот пред судење, мерки насочени кон слободата, имотот или други мерки, само со цел изнудување осомничениот да пристапи кон спогодба за признавање на вината.

    3. НАДВОРЕШЕН НАДЗОР И НЕЗАВИСНИ ТЕЛА
    – Народниот правобранител е овластен да реагира на претставки од поединци, како и да дејствува на своја иницијатива.
    – Народниот правобранител, сепак, има некои истражни овластувања, како да побарува објаснувања, информации или докази; да влезе во службени простории и да повика избрани или именувани лица или кои било службени или јавни лица на разговори.
    – Заштитата на лични податоци треба да се гледа во светло на правото на приватност, штитено со член 25 од Уставот и член 28 од Европската конвенција за човекови права.

    4. ИЗБОРИ
    – Секоја нерегуларност која е откриена треба да биде проследена на таков начин што сите грешки, вклучувајќи ги и тие кои се утврдени во набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР од Извештајот во 2014 година, се адресирани пред да се одржат наредните избори, со цел да се увери дека такви нерегуларности нема да се случат повторно.
    – Директната политичка инволвираност во изборните манипулации, како што изгледа од објавените прислушувања, е сериозно прекршување на основните демократски принципи и мора да биде соодветно адресирано на судско и политичко ниво.
    – Државната изборна комисија игра централна улога во надгледувањето/контролата на изборите. Секое вмешување во работата на Државната изборна комисија е неприфатливо.
    – Воведувањето рокови за Државната комисија за превенција на корупција да ги истражи жалбите за злоупотреба на државните ресурси за време на кампањата, може да биде земено предвид и да бидат обезбедени потребните ресурси да се решат навремено во согласност со истакнатите препораки на ГРЕКО и ОДИХР.

    5. МЕДИУМИ
    – Сите медиуми мора да бидат ослободени од секаков политички притисок без мешање и закани.
    – Медиумите треба да се дистанцираат од партиските политики и не треба да бидат во служба на политичарите и на политичките партии.
    – Јавниот национален сервис треба да настојува/да вложува напори да биде комплетно непристрасен и независен од политички, комерцијални и од други влијанија и идеологии.
    – Медиумите играат посебно важна улога во ситуации на политичка криза. Јавниот интерес е нивна задача – да откриваат можни грешки во функционирањето на државата или на општеството.
    – Судовите со обвинувањата за клевета треба да се носат на балансиран начин, независен од можни политички импликации за посебен случај. Судовите треба да развијат чиста и силна практика за заштита на слободата на изразувањето во поглед на обвинувањата за клевета.
    – Купувањето политичка поддршка од медиумите преку финансиско поддржување на медиумскиот пазар е неприфатливо.
    – Новинарските работни услови треба да бидат унапредени/подобрени/поправени, за да се намали самоцензурата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира