СТИРОПОРНИТЕ ФАСАДИ ОД „СКОПЈЕ 2014“ ТРЕБА ДА СЕ ДЕМОНТИРААТ ЗА ДА НЕ СЕ ЗАПАЛАТ

    СТИРОПОРНИТЕ ФАСАДИ ОД „СКОПЈЕ 2014“ ТРЕБА ДА СЕ ДЕМОНТИРААТ ЗА ДА НЕ СЕ ЗАПАЛАТСтанбената зграда во Лондон која гореше, цела однадвор е рефасадирана на сличен начин како фасадите за разубавување на центарот на Скопје - поглед на изгорената кула во Лондон (Фото: АП)

    Демонтирање на барокните фасадни облоги од стиропор е единствено решение за превентивна заштита од пожари на објектите кои се дел од проектот „Скопје 2014“, вели Петар Николовски, доктор по технички науки, консултант по енергетска ефикасност на згради.

    По пожарот во Лондон, во кој до сега се повредени најмалку 30, а 70 лица се водат како исчезнати, домашните експерти од оваа област алармираат дека истото може да се случи и кај нас доколку не се преземат соодветни мерки, бидејќи и објектите кај нас се рефасадирани на сличен начин.

    Николовски вели дека секоја зграда е приказна за себе, но генерално, материјалите вградени во објектите последниве неколку години укажуваат дека се потребни дополнителни превентивни мерки за заштита од пожари.

    „Нашите ’барокни’ фасадни обвивки се изработени од гориви материјали, со дебелини обично од 1 – 2 цм, без надворешна минерална противпожарна заштита од 8 – 10 мм, прицврстени на метална потконструкција, која обвивката ја оддалечува десетина сантиметри од основниот ѕид и на тој начин формира воздушен простор кој е еден од трите услови за пожар, покрај изворот на оган и материјалот што гори. Овој воздушен простор во случаите кај облогите на вертикални столбови формира извонреден “оџак“ за ширење на пожарот во височина“, вели Николовски.

    На 19 мај 2015 сличен пожар како лондонскиот имаше во Баку, Азербејџан во станбена зграда која неодамна била преслечена со нова фасада. Загинаа 16 станари (архивска фотографија)

    Тој објаснува дека декоративните елементи – детали употребени во “китење“ на фасадите од проектот „Скопје 2014“ главно се изработени од 3 материјали: експандиран или екструдиран полистирен (општо познат како стиропор), полиуретан и рециклиран стаклен гранулат. За разлика од стаклениот гранулат, кој за жал поради високата цена малку е употребуван, за првите два материјала, Николовски вели дека спаѓаат во групата на гориви материјали и тие масовно се употребени во зградите од проектот „Скопје 2014“.

    На опасноста од пожари и негрижата за заштита од пожари Николовски јавно укажа и пред две години, по големиот пожар во Баку, Азербејџан. На 19 мај 2015 година во Баку, 16 луѓе загинаа во пожар на шеснаесеткатница на која претходно ѝ била реновирана фасадата. Од загинатите пет беа деца, а имаше најмалку 63 повредени. Пожарникарите го изгасија огнот дури по цели три часа.

    По пожарот во Азербејџан во 2015 година, властите почнаа демонтирање на фасадите на повеќе од 200 објекти што биле разубавувани оти биле од времето на Советскиот сојуз – демонтажа на фасада во Баку (архивска фотографија)

    Катастрофата доведе до сериозна вознемиреност кај населението и предизвика многу дискусии околу материјалот користен за реновирање на фасадите на повеќе од 200 станбени блокови во Баку изградени во Советскиот период. Како резултат на тоа, градоначалниците почнаа процес на отстранување на фасадните облоги на зградите каде што е употребен запалив материјал.

    Сличен пожар избувнал во Баку и еден месец порано, на 10 април 2015 година, но немало жртви, ниту повредени. Како причина за двата пожари беше посочен нискиот квалитет на материјалот кој се употребувал за реновирање на фасадите, кој важи за лесно запалив.

    Николовски смета дека Баку, а сега и Лондон, како и ланскиот пожар на зградата на ЕВН во фаза на преслекување со барок, се предупредување за нашите власти.

    „Откако новата Влада ќе  застане на нозе, особено министерствата за транспорт и врски и за економија, треба да се поведе сметка за противпожарната заштита на објектите. Во Баку, од пред две години се демонтираат декоративните стиропорни фасадни облоги на сите повисоки згради“, вели Николовски.

    На 16 февруари 2016 година се запали фасадата на деловната зграда на ЕВН во центарот на Скопје во фаза на поставување на барокните елементи. Пожарот брзо се ширеше нагоре, но за среќа брзо беше локализиран и немаше жртви ни повредени (архивска фотографија)

    Тој укажува дека делови од фасадната топлинска изолација околу прозорците посебно треба да се обработат  со негориви материјали, како и  изведба на појаси од негорив материјал на височина на меѓукатните конструкции кои треба да го спречат ширењето на огнот во височина.

    Токму брзото ширење на огнот било клучно и во пожарот во 24-катницата во Лондон. Официјалната причина за пожарот сè уште не е соопштена, но експертите се сомневаат дека неодамнешното рефасадирање на зградата допринело огнот многу брзо да се рашири. Минатата година, „Гренфел тауер“ изградена во 1970 година добила модерен изглед откако постојната фасада била обложена со тенки панели. Кога тие се поставуваат еден до друг, без појас за заштита од пожар се создава воздушен простор кој како оџак го поврзува долниот кат со врвот и придонесува за брзо ширење на пожарот.

    Фасадата во Лондон била направена со алуминиумски панели, меѓу кои имало полнење со материјал што е запалив плус воздушен простор што го предизвикал ефектот на оџак. Слично полнење имала и зградата на еден луксузен хотел од 63 ката во Дубаи, Обединети Арапски Емирати кој се запали за време на новогодишна прослава.

    Експертите, покрај пожарот во Баку, Азербејџан како слични пожари предизвикани од полнењето на панелите за фасадите ги споменуваат и пожарите што се ширеле однадвор по зградата во Шангај, 2010 во висококатница во која загинаа 58 луѓе и ТВ културниот центар во Пекинг во 2009 година во кој загинал еден пожарникар.

    Барокните елементи со кои се преслекуваат фасадите во центарот на Скопје се изработени од композитен материјал – разубавување на зграда на аголот на улиците Македонија и Луј Пастер во март годинава (аматерска фотографија)

    Британија нареди да се направи проверка на зградите кои се веќе реновирани на сличен начин како и на зградите кои сега се реновираат по сличен метод.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира